Сидни Шелдон и неговите приказни кои те оставаат без сон

Читателка решив да го започнам со еден од првите странски автори со кои се запознав – Сидни Шелдон. Уште како дете ја „меркав“ неговата колекција во нашата домашна библиотека и си замислував дека кога ќе пораснам ќе ги прочитам сите негови книги до една ?

Се сеќавам дека вечерта кога почнав да ја читам првата книга од него, се сместив во удобна фотелја и останав будна додека не се појавија првите сончеви зраци, затоа што не можев да ја испуштам од раце! Шелдон има препознатлив стил – секогаш во книгите паралелно раскажува неколку приказни за различни ликови, а секое поглавје го завршува толку загадочно, што едноставно не можете да не продолжите со читање. И токму затоа, неговите книги се читаат во еден здив. Приказните се секогаш исполнети со многу интриги и замки, а завршницата се отплеткува на начин каков што не сте ни замислувале. Ако никогаш не сте го читале, а сте љубители на трилери и мистериозни приказни што ќе ве остават без спиење, топло ви го препорачувам.

А ако сте прочитале барем неколку негови книги, тогаш знаете дека колку брзо се читаат – толку брзо и се забораваат ? Освен некои кратки исечоци што ми останале во сеќавање, сега веќе не се ни сеќавам за што се работеше во Are You Afraid of the Dark, Tell Me Your Dreams или If Tomorrow Comes. Единствено се сеќавам на настаните во Master of the Game, можеби затоа што беше малку поинаква и се издвојуваше од другите. Кога читам одреден автор, секогаш добро го анализирам неговиот стил на пишување, а потоа се обидувам да „влезам во неговиот ум“ и да одгатнам што ќе се случи понатаму. Што би напишал Шелдон? Како ли би ја завршил оваа приказна?

Покрај толку прочитани трилери во животов, почнав во глава да креирам секакви луди сценарија за евентуалната завршница ? А после неколку прочитани книги од Шелдон, почнав да ги предвидувам неговите потези и предвреме да го откривам крајот – нешто што веќе ми се случи со Агата Кристи.

Токму од таа причина одамна немам посегнато по некоја нивна книга. Но, секогаш ги препорачувам на оние кои сакаат приказна која го задржува вниманието до крај.

Би можело да ти се допадне и ова...