„Раскажувачката“ – Џоди Пико
Сејџ Сингер е млада девојка која ноќите ги поминува во пекарницата каде работи, криејќи ги од светот лузните што ги носи на нејзиното лице. Таа се спријателува со 95 годишниот Јозеф, пензиониран наставник, старец кој ужива голем углед во местото каде што живеат. Еден ден, тој ја замолува за услуга – да го убие. Пред да ја одбие неговата молба, Јозеф на Сејџ ѝ ја раскажува приказната за неговиот живот, за да ѝ докаже зошто заслужува да умре. Како поранешен офицер во концентрационите логори во нацистичка Германија, тој за своите злодела бара прошка од Сејџ чија баба Минка го преживеала Холокаустот.
Книгава… Ах, книгава. „Растажи“ е премногу мал збор за да објаснам каква бура од емоции ми предизвика. Ме трогна до солзи, ме скрши, ме распарчи! Некое време откако ја прочитав не можев да си ја соберам душата и да ги средам импресиите, за да седнам и напишам критика.
Одбегнувам книги кои раскажуваат за толку тешки периоди од историјата, зашто знам како ќе ги доживеам, ама овојпат и не знаев во што се впуштам. Обично читам коментари на goodreads, ама сега единствено ја прочитав кратката содржина на задната корица, каде што воопшто не се спомнува таа тема. Веќе бев премногу навлезена во книгата кога сфатив за што се работи и некако не сакав да ја пуштам од раце.
„Раскажувачката“ дефинитивно ја сместувам на врвот од сите прочитани книги од Џоди Пико! Беше приказна во приказна. Не знам што попрво да пофалам… Ликовите беа прекрасно изградени, толку топли, толку допадливи, што веднаш почувствував како се врзувам за нив. Минка ме воодушевуваше, нејзината борбеност, истрајност, нејзината мила душа која после сè проживеано, не беше извалкана ни со најмала трошка гнев и желба за одмазда. Татко ѝ на Минка, кој со својата насмевка и ведрина, ѝ пркосеше на сета несреќа на светов. Дарија, чие пријателство со Минка беше една нераскинлива врска преплетена со бескрајна љубов и грижа. Несигурната Сејџ, која се пронајде себеси преку трагичната приказна на баба ѝ, па како да излезе од школката во која ја криела од сите. И на крајот Ања и Алекс, кои колку што беа фиктивни, толку беа и реални.
Раскажувањето ме носеше во некоја друга димензија, како јас самата да бев присутна на сè она што се случуваше. Ги чувствував сите мириси, вкусови, се движев низ приказната заедно со главните ликови, ја доживував секоја нивна радост, болка, страдање. Стилот на пишување беше толку сликовит и волшебен, а зборовите толку убаво нанижани како бисери, што и во најсуровите и најтрагичните моменти, имав чувство дека читам поезија.
Можеби очекував поинаков крај, имав други варијанти во глава, ама не можам да најдам никаква забелешка на тоа како Џоди Пико решила да ја заврши оваа прекрасна приказна. Ќе кажам само дека имаше еден мал детаљ кој го забележав во текот на читањето и преку кој открив значаен дел од завршницата, па си се запрашав дали случајно е испуштен или намерно е оставен. Па си замислувам дека можеби, само можеби, Џоди сакала да остави една мала ситница, како подарок за читателите кои најмногу навлегле во нејзината приказна ?
Ретко оценувам книги со 5 ѕвездички, ама тука не се штедам.