“The House We Grew Up In” – Lisa Jewell

Ако постои совршено семејство, тогаш тоа би било семејството Bird. Прекрасна куќа, посветени родители, четири деца растени во многу љубов, слога и топли спомени кои ќе ги потсетуваат на едно безгрижно детство. Во ова семејство, Велигден е значаен празник проследен со убава традиција. Една година, токму на Велигден, се случува трагедијата која ќе почне да го распарчува семејството дел по дел. Оттогаш, ниту еден празник повеќе не е ист. Секој член од семејството различно го прифаќа она што се случило и на различен начин се справува со трагедијата. Обидувајќи се да се вратат во колосек, нивните животи се разминуваат, за во еден момент да станат толку далечни, како никогаш да не биле дел од едно исто семејство. Сепак, после многу години, нешто ќе ги сплоти сите на едно место, ќе ги врати во куќата во која израснале и ќе ги натера да ги пронајдат врските што одамна ги изгубиле.

Приказната е раскажана во неколку временски рамки опфаќајќи период од три децении. На почетокот ми беше малку збунувачки додека да запамтам во кој период што се случувало, ама потоа полесно ги поврзував настаните со годините. Ќе признаам дека во првата третина од книгата размислував да ја оставам, зашто некако не бев навлезена во приказната, поглавјата ги читав расцепкани зашто немав време, па некогаш имав чувство дека не знам што читам. Ама потоа веќе се задлабочив во настаните и почна сè повеќе да ми се допаѓа. Приказната течеше лесно, во ниту еден момент не беше досадна, иако мислам дека имаше некои моменти кои според мене беа непотребни.

Ликовите беа многу убаво изградени и толку беа различни, што ѝ даваа некоја убава шареноликост на приказната. Вака кога ќе ги анализирам, не можам да кажам дека некој лик особено ми се допадна, ама па од друга страна поентата не беше ликовите да бидат совршени и симпатични, туку да бидат реални. Сите имаа свои лоши моменти и кај сите болката имаше различни последици. А книгата го прикажуваше токму тоа – соочувањето со сопствените стравови, обновување на разнишаните врски, простување на грешките од минатото и повторното сплотување на семејството.

 

Би можело да ти се допадне и ова...