Кога не знаеш што да читаш – одбери ја Дајен Чемберлен

Дајен Чемберлен е една од писателките на кои секогаш се навраќам кога не знам што да читам. Едноставно кажано, кога немам инспирација за да скролам низ goodreads и да читам кратки рецензии и коментари, бирам некоја (било која) книга од Чемберлен и знам дека во наредните неколку дена ќе имам интересна приказна на располагање, со многу ликови, сплетки и интриги. Во прилог збор-два (или повеќе 🙂 ) за неколку од нејзините книги.

Breaking the Silence 

Лора Брендон е жена во триесеттите години со убаво семејство и многу успешна кариера зад себе. Но, нејзиниот навидум мирен живот, ќе биде во тотален пресврт после два трагични настани. Лора го губи својот татко, а тој на смртната постела ѝ остава аманет да се грижи за жена која таа никогаш не ја запознала. Набргу нејзиниот сопруг се самоубива пред нејзината 5 годишна ќерка која од тогаш престанува да зборува. Очајна за да ѝ помогне на ќерка си, Лора го наоѓа нејзиниот биолошки татко кој дотогаш не знае дека воопшто има ќерка. Во меѓувреме за да ја исполни последната желба на татко ѝ, Лора ја наоѓа жената за која треба да се грижи. Се работи за Сара која е во шеесеттите години и страда од алцхајмерова болест, па не може многу да ѝ помогне и да ја реши дилемата која ја мачи Лора. Но, во текот на нивните дружби, тие се зближуваат и двете наоѓаат утеха во нивните разговори.

Ми беше тешко да ја склопам кратката содржина од проста причина што книгава е толку многу заплеткана уште од самиот старт, што не би можела во две реченици да кажам за што се работи. Многу ми се допадна начинот на раскажување и тоа како приказните на Сара и Лора беа наизменично раскажани и склопени во една. Во текот на читањето бев целата во прашалници, постојано размислував за тоа како се поврзани ликовите и што ќе се случи на крајот. Со оглед на тоа дека е Чемберлен во прашање, очекував буквално сè. Значи имав минимум 8 потенцијални сценарија во глава! Ама на крајот сепак останав изненадена. Особено имаше еден момент каде останав подзината – а ако реакцијата ми била на глас, значи стварно сум се запрепастила 😀 Ликовите ми беа многу допадливи, иако ме изнервираа некои нивни постапки. Со некои настани толку многу се соживеав, што ми се стегна душата и малку фалеше да заплачам 😦

Крајот ми се допадна, иако за некои читатели можеби ќе биде too much.
Сè на сè книгава беше вистинско уживање 🙂


Неопходни лаги 

Чемберлен како и секогаш – многу ликови и паралелни приказни кои потоа се спојуваат во една. Necessary Lies ги следи 15 годишната Ајви која живее со својата баба и сестра на фарма за тутун, и младата Џејн која е социјален работник и редовно го посетува нејзиното семејство.
Бидејќи ја читав после The Postman Always Rings Twice, некако ми дојде комплексна, со многу ликови, настани и приказни. Ама сега не би рекла дека е толку сложена и обемна. Добар стил на раскажување, убаво изградени ликови и непредвидливи случувања. Освен некои ситници за кои претпоставив дека ќе се случат, целата книга ми беше изненадување. Макар што, не се оптеретував толку со оваа книга, едноставно ѝ се препуштив на приказната. Ми се допадна во целост, освен некои сосема мали работи кои не ми беа по мерак.


Исповед на една акушерка

Обично пред да одберам некоја книга задолжително читам кратка содржина, ама не и овојпат, бидејќи сега решив да се водам по авторот. Вака по насловот, отприлика имав идеја за што би можело да се работи, и не бев далеку од вистината. Само што таа моја замисла беше само едно маааало парче од приказната 🙂

За оние кои досега не ја прочитале книгава, а сакаат да ја прочитаат, мислам дека би било подобро да не откривам премногу. За почеток доволно е да знаете дека се работи за ненадејното самоубиство на Ноел, која цел живот работи како акушерка. Нејзините две најблиски пријателки, Тара и Емерсон, обидувајќи се да дознаат што всушност ја натерало Ноел да направи ваков чекор, откриваат мрачни тајни од нејзиното минато.
Тоа е сè што треба да знаете. Не отварајте goodreads, не отварајте Сакам Книги, не читајте кратки содржини, само земејте си ја книгава и почнете.

Ова е типична книга на Чемберлен, би ја познала и без да знам кој ја пишувал. Многу ликови, многу емоции, настани, многу испреплетени приказни, еден куп пресврти и доволна доза на неизвесност за да ве остави без спиење. Стилот на раскажување кај Чемберлен секогаш ми се допаѓа, дури и некои сосема обични ситуации знае толку уметнички да ги опише. И секогаш учам нови зборови од нејзините книги 😀 Ликовите беа допадливи и убаво изградени, само што на почетокот ми беше проблем додека да научам кој е кој. Некако, уште на почеток се делат раскажувањата и наеднаш излегуваат многу ликови, па ми требаа неколку поглавја додека да сфатам кој лик раскажува.

Сепак, имам една замерка, а тоа е дека книгава имаше премногу драма. Мислам дека некои пресврти беа сосема непотребни. Приказната ќе беше неизвесна и без некои ненадејни сплетки и интриги. Иако знаев што да очекувам кога ја одбрав Чемберлен, некои настани и мене ми беа too much. И самите ликови беа тотално изгубени во идеите на авторкава 😀 На моменти имав чувство дека читам сценарио од некоја шпанска серија. Има делови од книгата кои мислам дека целосно можат да се отфрлат, а приказната пак да остане забавна и интересна.

Заклучок од книгава – Чемберлен е вистинска drama queen! 😀

Како и да е, ја препорачувам на сите што сакаат интересна книга која го задржува вниманието.


Загубената ќерка

„Загубената ќерка“ ја раскажува приказната на Сиси Вилкс – наивна шестнаесетгодишна тинејџерка, која завршува вплеткана во киднапирање на Женевјев – бремената сопруга на гувернерот Ирвинг Расел. Причините кои отпрвин ѝ се чинат добронамерни, а планот кој првично делува толку лесен и безболен, прераснува во хаос во моментот кога Женевјев почнува да се породува додека е држена во заложништво. При породувањето таа губи премногу крв и набргу умира. Држејќи го нејзиното новороденче, Сиси се соочува со дилемата што ќе прави понатаму – прашање од кои ќе ѝ зависи целиот живот.

Многумина ја имаат прочитано книгава, а ако евентуално не сте ја читале и ве заинтересира доволно за да ја прочитате, тогаш мислам дека кратката содржина што ја напишав овде ви е сосема доволна за да знаете што се случува. Тоа што го пишува на goodreads и на задната корица, јас го прочитав отпосле и мило ми е што не го направив тоа пред да почнам да ја читам, зашто мислам дека открива премногу. Вака ми е беше многу понеизвесно 🙂

Што да кажам за Чемберлен… секогаш со интересни приказни кои од старт ти го држат вниманието, убаво изградени и многу допадливи ликови со кои читателот лесно се поврзува, одличен стил на раскажување кој тече толку глатко, што страниците летаат една по друго без да ги почувствувате. „Загубената ќерка“ беше приказна која поттикнувајќи многу морални дилеми, зборува за моќта на мајчинската љубов, за жртвата која една мајка е спремна да ја даде, но и за тоа дека поврзаноста на едно семејство е многу повеќе од делење на иста крв.


Украдениот брак

Дејствието започнува во 1944 година, кога се случува пресврт во навидум одлично испланираниот живот на дваесет и три годишната Тес ДеМело. Таа останува бремена од друг маж и засрамена го напушта нејзиниот вереник и работата како медицинска сестра, неспособна да живее лага. Таа го наоѓа таткото на нејзиното дете и бара помош од него, а тој бара да склучат брак и да живеат во неговиот роден град Хикори, Северна Каролина. Оставена сама на себе, Тес доаѓа во непозната средина каде сите погледи се вперени во неа, полни со низа обвинувања. Додека таа пробува да создаде пријателства во новиот град, нејзиниот сопруг кој не го ни познава, Хенри Крафт, е таинствен човек кој често останува по цела ноќ во неговата фабрика за мебел, крие пари од својата сопруга и не покажува ни трошка љубов кон неа. Тес брзо сфаќа дека е заробена во безвреден и безизлезен брак.

“It’s a terrible feeling, being despised. From the moment I set foot in Hickory, I felt the suspicion, distrust, and outright hostility of most of the people I met”

Иако избегнувам книги со историска содржина, оваа беше вистинско задоволство. Ликовите се одлично изградени, приказната тече лесно, а дел од случувањата се базирани на вистински настани кои Чемберлен се потрудила детално да ги истражи. Додека пак оние делови кои се производ на нејзината имагинација, се толку добро доловени, што се чинат сосема реални.

Би можело да ти се допадне и ова...