Топ 3 книги од Колин Хувер
Колин Хувер е писателка која најчесто пишува young adult книги, какви што јас за волја на вистината одбегнувам, затоа што мислам дека веќе одамна ги надраснав. Сепак, има неколку нејзини книги кои се издвојуваат по многу работи од нејзиниот типичен стил на пишување, па затоа топло би ви ги препорачала. Ова е мојата топ 3 листа ?
3. Hopeless („Безнадежно“) и Losing Hope
Овие две книги ќе ги ставам заедно, затоа што се поврзани и ги раскажуваат истите настани, само од поинаква перспектива. Hopeless ја следи приказната за 17 годишната Скај, чиј живот се менува откако тргнува во јавното училиште и го запознава Дин Холдлер. Losing Hope ја следи истата приказна, но гледано од перспектива на Дин. Иако можеби звучи досадно бидејќи веќе ги знаете настаните, мене не ми беше. Дијалозите во голем дел се повторуваат, но има многу работи кои се надополнуваат и во првиот дел не се откриени. Временската рамка е поголема, опфаќа настаните пред, а и по Hopeless. Освен тоа, интересно ми беше да видам колку различно може некој да гледа на истите настани.
Има нешто посебно во начинот на кој Колин Хувер ги развива односите меѓу ликовите во нејзините книги, па иако не сум љубител на YA, книгава многу ми се допадна. Додека ја читав, некои моменти и постапки не ми беа логични, но како што се расплеткуваше приказната, така сите парчиња си дојдоа на свое место ?
2. Maybe Someday („Можеби некогаш“)
22 годишната Сидни Блејк има навидум одличен живот. Го студира она што го сака, има стабилна работа, живее со нејзината најдобра другарка Тори и има момче кое го обожава. Но, целиот нејзин свет се распаѓа откако дознава дека нејзиното момче ја изневерува со Тори.
На нејзиниот роденден останува на улица, без работа, но најважно од сé – без двете личности кои најмногу ѝ значеа. Не знаејќи што да прави понатаму, Сидни завршува во станот на мистериозниот сосед Риџ.
Кратката содржина ќе ја прекинам овде, бидејќи не сакам да откривам премногу.
Книгата е прекрасна и навистина ми се допадна, иако е многу поразлична од она што вообичаено го читам. Да не бев во пмс можеби ќе ми делуваше патетична, ама вака се чувствував како некоја тинејџерка додека ја читав ? Нетипична љубовна приказна, раскажана низ многу внимателно одбрани зборови. Целата книга беше изнижена со песни кои ги слушав додека ја читав. Можеби и затоа толку многу се задлабочив во приказната. Имаше некоја топла нишка книгава и нешто магично во начинот на кој Сидни и Риџ комуницираа.
1. It Ends with Us („Ова завршува со нас“)
Апсолутниот фаворит кој инаку беше избран за Best romance за 2016 на Goodreads. Oh boy, oh boy, oh boy…
За оние кои ја читале Хувер претходно, сакам да напоменам дека книгава воопшто не е во нејзиниот вообичаен стил. Ако не знаев кој ја напишал, никогаш немаше да погодам дека таа стои зад една ваква приказна. Дури вака по корицата би помислила дека Мориарти е во прашање, ама за Хувер никогаш не би претпоставила.
Книгата ја следи животната приказна на Лили – девојка која доаѓа од дисфункционално семејство каде често била сведок на насилството што го трпела нејзината мајка од страна на татко ѝ. Растејќи во таква средина, Лили си ветува дека никогаш нема да биде жртва на насилство и никогаш нема да го трпи она низ кое поминала мајка ѝ цел живот. По завршување на студиите, Лили од малото место каде израснала, се сели во Бостон – град каде сонувала да замине и да почне нов живот. А таму го среќава Рајл. Нивното запознавање е интересно, а нивната врска се развива на многу необичен начин. Како што поминува времето, Лили сè повеќе се вљубува во Рајл и станува убедена дека тој е вистинскиот човек за неа. Сè до оној момент кога во нејзиниот живот ќе се врати нејзината непреболена љубов од тинејџерските години, а Лили ќе спознае една нова страна на Рајл за која не знаела дека постои. Тука веќе се руши целата совршена слика за нивната врска, а Лили се соочува со една внатрешна борба заради која почнува да сфаќа многу работи.
Книгата води еден многу интересен тек на настаните, во ниту еден момент не е досадна и да можев ќе ја прочитав во една ноќ. Затоа секаде ја влечкав со мене и користев можност да читам во секој слободен момент. Сцените се толку добро опишани, што имав чувство како да гледам филм, т.е. серија (од која едвај ја чекав секоја наредна епизода ? ). Имаше некои моменти кои ги очекував, но во глобала не е предвидлива, ниту е клише приказна каква што претходно сум видела многу пати.
Главните ликови многу ми се допаднаа, премногу! Сите беа совршено добро изградени и во секој од нив имаше нешто кое ме освои. Имаше многу моменти кои ми го стоплија срцето и ме натераа да ги засакам повеќе. Во втората половина од читањето и не можев да се одлучам за каков крај на приказната навивам.
Мислам дека книгава ќе ве натера да ги свртите размислувањата во друга насока, а можеби и ќе ве натера да отстапите од цврстиот став кој верувам дека го имате во однос на одредени прашања. Не сакам ништо повеќе да пишувам во овој дел, не сакам премногу да откривам, туку ќе ве оставам целосно да ѝ се препуштите на книгава, без никакви очекувања, за на крајот комплетно да ве изненади.
Имаше повеќе моменти на кои подголтнував и се враќав назад за да ги препрочитам, имаше многу убави цитати, ама на последната реченица со која заврши книгата, ми се насолзија очите ?
Ретко давам петки на goodreads, зашто секогаш наоѓам нешто што не ми се допаднало, ама овојпат забелешките ми се толку мали, што се незначајни во споредба со целокупниот позитивен впечаток што ми го остави книгава.о
Бонус: Прочитај ја мојата забелешка за “All your perfects”.