“One True Loves” – Taylor Jenkins Reid

Ема и Џеси се големи авантуристи кои се заедно уште од тинејџерските години, градејќи заеднички живот со многу неверојатни патувања, далеку од туѓите очекувања за нормален, секојдневен живот. Една година по нивната венчавка, Џеси исчезнува во хеликоптерска несреќа, оставајќи ја Ема закопана во солзи и очај, без желба да го продолжи животот без него. Секој ден Ема се соочува со вистината дека Џеси повеќе нема да се врати, со што нејзината болка се зголемува, прашувајќи се како ќе живее без него. Како што минува времето, таа почнува да наоѓа работи кои ќе ѝ го одвлечат вниманието од заедничките спомени. Се враќа назад во родниот град, напуштајќи го домот кој го делела со Џеси, почнува да работи во семејната книжарница, а еден ден решава да научи да свири пијано. Тој ден, во музичката продавница го среќава Сем – другар од детството кој не го видела повеќе од 10 години. Тие двајца полека почнуваат да се зближуваат, со што Ема за момент добива надеж дека може повторно да се вљуби. Една година подоцна, тие ја планираат својата венчавка, а таа е сигурна дека Сем е човекот со кој сака да остари, иако Џеси секогаш ќе има посебно место во нејзиното срце и огромна трага во нејзиниот живот. Многу набрзо, на еден семеен ручек Ема добива повик – Џеси е пронајден жив после 3ипол години.

На книгава налетав летово додека на goodreads скролав низ чик литературата, зашто ми се читаше некое лесно книжуле. Симнав 5-6 книги, ама изборот падна на оваа заради високата оценка и позитивните коментари, а не заради неоригиналната приказна (oops). Очекував некоја клише љубовна лимонатка, за на крајот толку да се соживеам со ликовите и нивните судбини, што на моменти пуштав солзи, а во автобус едвај се воздржав да не почнам да липтам… Можеби улога имаше и пмс-от, не викам не, ама стварно многу ме погоди книгава и ми беше многу, многу жал за тоа што се случуваше. Имаше толку многу убави цитати и толку убаво беше доловена вистинската љубов, што секогаш кога ги читав тие делови, ми даваше некоја топлина на душата. И истовремено ме растажуваше – колку треба да сакаш некого за да го пуштиш да биде среќен со некој друг.

Ликовите ми беа премногу допадливи, мислам дека немаше лик кој не го засакав. Сите беа многу добро изградени и одлично вклопени во целата приказна. Затоа и ми беше тешко да се одлучам за каков крај на книгата навивам. Во еден момент си помислив – како и да заврши, ќе ми биде жал што една прекрасна љубов ќе заврши.

Всушност главната дилема на Ема беше:

“I don’t think you’re trying to figure out if you love Sam more or Jesse more. I think you’re trying to figure out if you want to be the person you are with Jesse or you want to be the person you are with Sam.”

… а беа тотално различни, но исто толку прекрасни.

Од мене големи препораки за книгава.

Би можело да ти се допадне и ова...