“Try Not to Breathe” – Holly Seddon
Никогаш претходно не сум слушнала за авторкава, ама книгава беше препорачана за фанови на Мориарти, па затоа решив да ѝ дадам шанса.
Алекс е млада новинарка која води тешка борба со алкохолизмот, особено после загубата на нејзиното бебе, разводот со нејзиниот сопруг и отказот од работа. Обидувајќи се да направи интересна репортажа, а потоа да ја продаде приказната на некој весник, Алекс се вплеткува во опасна игра каде многу прашања стојат отворени и после 15 години. Имено, Алекс решава да го истражи случајот за Ејми Стивенсон – тинејџерка која била ударна вест во медиумите во 1995, откако прво исчезнала, а потоа била најдена во кома. 15 години подоцна, човекот кој ја нападнал не е пронајден, а Ејми сè уште лежи во болничкиот кревет, во вегетативна состојба, заборавена од светот… сè додека не дојде Алекс која ќе биде нејзиниот глас. Пронаоѓајќи ги луѓето кои во тоа време биле блиски со Ејми, Алекс почнува да копа по нејзиното минато и чекор по чекор да ја дознава целата вистина за она што се случило.
Морам да кажам дека иако ретко го читам епилогот на книгите, овојпат ме заинтересира да ја прочитам белешката на авторката и да дознаам дека голем дел од книгата е реален. Инаку ова е прва нејзина книга и мене ми се допадна доволно за да прочитам и нешто друго од неа. Ликовите не ми беа премногу likable, ама ми се допадна начинот на кој беа опишани нивните односи, особено тоа како Алекс се приврза со Ејми, затоа што пронајде многу свои особини во неа. Исто така, немаше клише моменти, туку баш напротив – разработуваше тематика за која јас лично досега не сум читала, па ме заинтересира да истражувам повеќе.