„Кошмар“ – Лаш Кеплер
Безживотното тело на млада жена е пронајдено на брод, a сите знаци укажуваат на тоа дека била удавена. Но, најчудното нешто е што нејзините алишта се сосема суви.
Следниот ден во Стокхолм пронајден е обесен човек, a станот е целосно празен. Неминовно се поставува прашањето како успеал да се обеси без ниту едно парче мебел во домот?
Детективот Лина започнува да ги составува парчињата на сложувалката. Двете навидум неповрзани мистерии излегува дека се дел од многу похаотичен опасен план – вистински кошмар. Обидувајќи се да ја открие врската меѓу двата случаи, Лина дознава дека зад двете трагедии стои една фотографија на која се крие одговорот на сите прашања.
„Кошмар“ е вториот дел од серијалот за детективот Јона Лина, а првиот дел е насловен како „Хипнотизер“ и е преведен на македонски јазик. Можете да ги прочитате одделно, јас лично додека ја читав „Кошмар“ немав впечаток дека нешто сум испуштила, иако ја немам прочитано „Хипнотизер“.
Ова не е прва книга од скандинавски автор(и) која ја имам прочитано и можам да заклучам дека има нешто специфично во нивниот стил на пишување. Не можам точно да определам што, ама низ читањето можам да ги препознаам во раскажувањето.
Со еден збор, книгава е комплексна. Во над 500 страници склопени се многу ликови и повеќе приказни, од кои неколку споредни мислам дека беа вишок и главната приказна можеше сосема добро да тече и без нив. Ликовите би рекла дека беа добро изградени, а настаните (барем за мене) воопшто не беа предвидливи. Во некои делови вниманието ми бегаше на друга страна, можеби затоа што начинот на раскажување беше… хмм… сталожен, смирен? На моменти дефинитивно ми недостигаше повеќе возбуда, а настаните имаa потенцијал да донесат поинтересен тек. Некако сум навикната на поинакви трилери во кои самата приказна не те остава да ја пуштиш книга од раце. „Кошмар“ беше интересна книга, но ми недостигаше тоа чувство на силна љубопитност која ќе ме тера да продолжам со читање цела ноќ. Сепак, мислам дека заслужува барем три ѕвездички, затоа што приказната иако комплексна, беше добро изградена и не делуваше премногу хаотична ако читате со внимание и постојано сте во тек со сите настани и ликови.