Дебитантскиот роман на Донато Каризи
Мислам дека ретко кој не ја прочитал „Шепнувачот“, особено кога едно време беше доста актуелна книга и беше меѓу најпродаваните по книжарниците и саемите за книги. Ако не сте ја читале, тогаш сигурно барем сте слушнале за неа, а оваа статија ете нека биде мотив да ја прочитате ? Со оглед на тоа дека Донато Каризи студирал право и криминологија, веројатно можете да претпоставите за каква книга станува збор.
Исчезнуваат пет девојчиња на возраст од осум до тринаесет години. Во меѓувреме пронајдено е местото на кое можеби се закопани, а го пронаоѓаат две момчиња со нивното куче сосем случајно. Но тоа не се нивните тела, сè што пронаоѓаат се неколку леви раце закопани во круг, поточно шест леви раце, а пет девојчиња се пријавени како исчезнати. Некаде уште едно девојче е киднапирано но сè уште не е пријавено како исчезнато.
Прво морам да им дадам препорака на сите оние кои досега не го прочитале овој трилер, а имаат желба да го прочитаат – читајте го на англиски! Преводот на македонски е благо кажано ужасен. Толку буквален превод ми се чини ни google translate не прави. Преводот игра многу голема улога и може тотално да го смени впечатокот за едно дело кај читателот. Така што, ако немате проблеми со англискиот, заборавете го нашето издание.
Книгата во глобала ми се допадна.
Неизвесна, напната, потресителна приказна која на моменти ми создаваше мачнини во стомакот додека ги замислував вознемирувачките сцени во глава… Стилот на пишување ми се допадна многу – како книга беше доста комплексна, ама немаше некои непотребни расплинувања низ приказната. Настаните беа јасно дадени, а истовремено до детал опишани. На моменти ми се чинеше дека гледам филм, а не дека читам книга. Уште музика ми фалеше на оние најнапнати моменти ? Ми се допадна длабоката психолошка анализа на ликовите, само што за момент се изгубив во имињата на негативците, па почнав да запишувам на страна кој како се вика и што направил. Целата книга беше исполнета со многу интересни цитати, вклопени во неизвесната приказна, a крајот ми беше тотално неочекуван! Дури неколку пати го препрочитав тој дел за да се уверам во тоа што го читам ?
Само една замерка во однос на содржината – значи, во текот на целата книга сите настани беа логички издржани, поткрепени со факти, ама на неколку места имав потреба од дополнително објаснување, зашто ми се чини дека неколку моменти беа така оставени, да лебдат во воздух, без да се разјаснат.
Ми се допадна тоа што беше оставен простор за продолжение, иако засега немам прочитано некоја од наредните книги, во план ми се ?