Книга во книга: “Envy” – Sandra Brown

Првата книга од Сандра Браун која воопшто сум ја прочитала, happens to be еден од моите омилени трилери кој би го читала и по втор пат ?

Има филмови што не се гледаат и книги што не се читаат по втор пат, како што се трилерите на пример, затоа што целата магија на ваквите книги е постојано да ве држи во неизвесност за тоа што ќе се случи. Само потсетете се колку сте биле изненадени на некои настани додека сте читале некој добар трилер, затоа што не сте ни претпоставувале дека ќе се случи такво нешто. Кога една таква книга ќе ја читате по втор пат, сигурна сум дека читањето не само што нема да ви биде толку интересно, дури можеби и ќе ви биде досадно.

Сепак, тоа знам дека нема да се случи со оваа книга.

“Envy” ја раскажува приказната на Марис, познатa уредничка која работи во издавачка куќа во Њујорк, сопруга на најпродаваниот автор Ноа Рид. Еден ден таа во поштата добива книга која единствено е потпишана со иницијалите П.М.Е. Воодушевувајќи се од приказната во неа, Марис е решена да го запознае авторот за да разговараат за издавање на книгата. Пристигнувајќи на еден осамен и морничав остров, таа се запознава со харизматичниот Паркер Еванс, човекот кој ја напишал, но е решен целосно да го скрие својот идентитет. Работејќи на книгата дел по дел, привлечноста на Марис кон Паркер сè повеќе расте. Но, набрзо таа сфаќа дека приказната за тројца млади луѓе чие забавување една ноќ завршува со трагичен крај, е многу повеќе од фикција. Вознемирена од настаните, таа е решена да дознае што навистина се случило.

Ова е една извонредна книга која ќе ве освои уште од самиот почеток. Читањето ми беше вистинско задоволство и неуморно го впивав секој пишан збор додека не ја прочитав цела. Начинот на раскажување е прекрасен, тече лесно и глатко, без непотребно развлекување, а принципот на „книга во книга“ ми се допадна премногу! Ликовите се неверојатно добро изградени, доследни на своите карактерни особини и одлично вклопени еден со друг. Настаните го држат вниманието до последниот момент, а неизвесноста се провлекува до последната страница, за крајот целосно да ве изненади. Немаше буквално ништо кое не ми се допадна во книгата и за неа би зборувала само со пофални зборови и позитивни епитети.

Задолжително ставете ја на вашата листа за читање – нема да зажалите ?

Би можело да ти се допадне и ова...