„Nineteen Minutes“ – Jodi Picoult
Стерлинг е мал и сосема обичен град во Њу Хемпшир, каде ништо не се случува – сè до денот кога жителите не останат шокирани од веста за трагедијата во едно училиште. Џози Кормиер, ќерката на судијата би можела да биде првиот сведок на она што се случило, но таа не може да се сети на ужасниот настан. И додека судењето тече, пукнатините прават раздор во заедницата, уништувајќи ги најблиските пријателства и семејства.
Ова беше првата книга од Џоди Пико која ја прочитав и беше доволна причина да продолжам да ја читам и понатаму. Ми се допадна нејзиниот начин на раскажување и имаше многу убави цитати што ми поттикнаа размислување. Иако, јас лично би отфрлила некои делови. Мислам дека на моменти беспотребно се одолговлекуваа настаните.
На почетокот од читањето ми беше тешко да се вклопам, ги измешав ликовите и настаните, можеби затоа што не беа поделени во поглавја, раскажувањето течеше непрекинато, па не можев да ги разграничам. Ама како што навлегував во приказната, си ги поврзував настаните и сфатив кој е кој.
Ми се допадна тоа што Пико се одлучила да обработи една актуелна тема, која истовремено ми се чини дека не е сфатена толку сериозно. Барем јас таков впечаток добивам. Кога пред некоја година го прочитав терминот bullying, искрено си помислив дека има некаква врска со булимија.
Откако прогуглав, видов за што се работи, ама некако… несфатлива ми беше целата ситуација. Зошто некој психички и физички би малтретирал некого, без никаква провокација?
Неколку години сум на tumblr, и таму често налетувам на блогови наменети за учениците кои се жртви на оваа појава. Во многу случаи, целата ситуација завршува трагично – со самоубиство. Јас се фрапирав кога прочитав статистички податоци за тоа колку средношколци на годишно ниво во САД си го одземаат животот затоа што биле малтретирани од соучениците.
Што се однесува до крајот – воопшто не го очекував. Можеби сакав да е поинаков, ама Пико веројатно не сакала да го направи охрабрувачки за сите жртви на bullying-от кои би се одлучиле за истиот чекор што го направи главниот лик.