„Ќе има друг ден“ – Лори Нелсон Спилмен

Како наивна тинејџерка, Брет Болинџер направила листа со желби кои сака да ги исполни:
1. Да оди во Париз.
2. Да настапува во живо, на огромна сцена.
3. Да роди бебе, можеби и две.
4. Вистински да се вљуби.
Години подоцна, како возрасна личност, таа смета дека има сè што еден човек може да посака – убава работа во огромната семејна компанија, голем и скапо уреден стан и неодоливо момче.
Но, кога нејзината сакана мајка умира, светот на Брет почнува да се руши. Наместо едноставно да ја назначи за директор на семејната компанија како што се очекува, мајка ѝ на Брит остава тестамент кој ги вџашува сите: од нејзината ќерка бара прво да ја комплетира целата листа со цели и желби од детството што ја направила пред петнаесетина години, на која Брет сосема заборавила.
Потиштена од тага и болка, таа не може да ја разбере одлуката на мајка ѝ. Но, додека се бори да ја комплетира листата, сфаќа дека најслатките подароци на животот понекогаш се наоѓаат на најнеочекуваните места.
Прво, самата идеја многу ми се допадна, ме потсети на еден расказ што го пишувавме во школо на тема „Каде се гледаш себеси за 10 години“. Ми разбуди спомени и ме натера да размислам колку сум скршнала од патот кој сум си го замислувала како дете. Колку мојата сегашност се разликува од она што сум го планирала.
Второ, ми се допадна како постепено навлегувавме во приказната, како спонтано се одвиваа настаните и сите парчиња дојдоа на свое место. Искрено, очекував дека ќе биде многу предвидлива. Некои од работите беа очигледни, ама ете конкретно за љубовниот живот на Брет, ми се допадна што до последниот момент не се знаеше каде ѝ е среќата. Целата книга беше исполнета со многу убави пораки, а врската што ја имаше Брет со мајка ѝ ја почувствував како многу блиска и топла.
Она што не ми беше баш логично во приказната, беше целосниот план на мајката на Брет да го изрежира целиот нејзин живот. Како нејзина мајка сигурно ја познавала доволно добро за да знае што би ја направило среќна, меѓутоа најзначајните животни одлуки, бракот и семејството, некако чувствував дека ѝ беа наметнати на Брет, дури и исилени. Цело време беше под притисок да го најде совршениот маж, да има дете, за да може да го запази рокот поставен од мајка ѝ. Ама некои работи во животот едноставно не се планираат. На крајот на краиштата, можеби Брет повеќе не е она девојче кое ја напишало таа листа со желби. Можеби во текот на животот се изменила, но само во очите на нејзината мајка останала иста.
Второ, ми беше малку себично од страна на мајка ѝ што на некој начин ја отцепи од семејството, ја тргна од семејната фирма, нејзината куќа, со цел таа да тргне во потрага по среќата.
Ликовите ми се допаднаа, исто така и текот на настаните, со исклучок на крајот кој ми беше премногу бајковит. Сé до тој момент можев да ја проголтам целата трансформација на Брет како личност која се спознава себеси и своите вистински замисли за животот, ама крајниот момент (за мене лично) беше премногу.
Во секој случај ми се допадна, ја препорачувам на сите што сакаат лесна, симпатична приказна која сепак ќе ве поттикне да се запрашате до каде сте со животот и што од замисленото досега сте оствариле ?

Би можело да ти се допадне и ова...