“After You’d Gone” – Maggie O’Farrell
Алис Рајкс се качува во воз и заминува од Лондон до Шкотска за да го посети своето семејство. Но, кога пристигнува таму, ќе биде сведок нешто толку шокантно, што таа инсистира веднаш да се врати во Лондон. Неколку часа подоцна, Алис лежи во кома по сообраќајна несреќа која сепак би можела да биде и обид за самоубиство. Додека лежи во болница, во нејзината глава се испреплетуваат нишки од минатото и сегашноста, додека таа се обидува да се сети што всушност се случило.
Прво, морам да напоменам дека мене ако не ми се допаѓа некоја книга, ја затворам и не се ни обидувам да ја дочитам. Не страдам од тоа дека морам книгите да ги довршувам, life’s too short за да читаме книги со сила. Мене читањето ми е уживање, а не мачење.
Штом сум ја довршила книгава, значи сепак дека имало нешто кое ме држело до неа.
Е сега вака – кога ќе ги сумирам сите настани од книгава, некако добивам чувство дека ми фалеа некои информации за да ја комплетирам сликата, а од друга страна, некои раскажувања ми беа сосема непотребни. Особено во првиот дел. Се губев на моменти, можеби затоа што не очекував таков начин на раскажување, па се опуштив во читањето и не водев сметка за тоа кој што раскажува. Можеби авторот имал замисла да течат настаните како на филм, од една во друга сцена, од една случка со Алис да се префрлиме на баба ѝ , ама многу конфузно беше тоа напишано. Мислам дека ќе ми се допаднеше повеќе ако настаните беа одделени во различни поглавја.
Приказната не ми беше толку лоша, се соживеав како и секогаш и некои настани успеаа да допрат до мене. Очекував малку поемотивна приказна, очекував и да заплачам, ама не пуштив ни солза. Некако, на средина сум за книгава – не е дека не ми се допаднала, ама не е ни дека нешто би пропуштила ако не сум ја прочитала ?