“Far from the Tree” – Robin Benway
Емотивната Грејс, која како ќерка единка, и самата останува бремена на 16 годишна возраст, а не наоѓајќи поддршка од таткото на нејзиното дете, го дава на посвојување.
Саркастичната Маја, која растејќи во семејство на црвенокоси, отсекогаш се чувствувала како црна овца.
И затворениот Хоакин, кој целиот живот го поминал од едно семејство или сиропиталиште во друго, никогаш не наоѓајќи сигурен дом и топла љубов.Тие тројца дознаваат еден за друг во вистински момент од животот – кога Грејс чувствува болка и тага по напуштеното дете, кога семејството на Маја се распаѓа заради нејзината мајка алкохоличар и кога старателите на Хоакин изразуваат желба да го посвојат. Секој борејќи се со своите демони и проблеми, а истовремено трагајќи по заедничката мајка – Грејс, Маја и Хоакин си се поткрепа во најтешките моменти.
Иако сè поретко читам YA, некогаш давам шанса на книги за кои според кратката содржина и коментарите на Goodreads, мислам дека би ми се допаднале. И овојпат не згрешив што им верував на сите препораки. Ова е една многу топла приказна, каде ликовите ми беа апсолутно симпатични и допадливи. Иако делеа иста крв, нивните животни (не)прилики ги изградиле во сосема различни личности. Грејс беше нежна, срамежлива, повредена, како ранета срна. Маја беше бунтовна и отворена, без влакна на јазикот, секогаш искажувајќи ги своите чувства. А Хоакин ставаше штит на срцето пред сечија искрена љубов, зашто не веруваше никому. Иако секој од нив имаше лузни во душата и тајни во срцето, некако полека се спознаваа, за на крајот да се отворат еден кон друг, што уште повеќе ја зацрвсти нивната природна врска. Премногу ми се допаднаа како ликови, но ми се допадна и нивната врска – како започнуваше, како се развиваше и во што прерасна. Не беше усилена, баш беше некако… искрена и чиста.
Дури и другите ликови покрај главните ми се допаднаа. Искрено кажано, немав некои високи очекувања за книгава, ама навистина ме допре, затоа што можев да ја почувствувам секоја нивна емоција. Топло ви ја препорачувам.
“The older she got, the more human her parents seemed, and that was one of the scariest things in the world. She missed being little, when they were the all-knowing gods of her world, but at the same time, seeing them as human made it easier to see herself that way, too.”
“Content in the knowledge that no matter what happened with your parents, or your girlfriend, that your siblings will still be there, like a bookend that keeps you upright when you feel like toppling over.”