“It’s Kind of a Funny Story” – Ned Vizzini
Грег Гилнер e амбициозен тинејџер од Њујорк, кој е решен да успее во животот – тоа подразбира запишување во добро училиште и наоѓање добра работа. Сепак, кога успева да се запише во едно од најдобрите средни училишта во државата, притисокот станува неподнослив. Грег престанува да јаде и да спие, а една ноќ доаѓа до раб на самоубиство.
Овој момент ќе биде клучен тој да се пријави во психијатриска болница, каде конечно учи како да се соочи со своите стравови и вознемиреност.
Книгава начнува една многу актуелна тема, особено во последниве неколку години – никој не може да остане рамнодушен на бројките на годишно ниво на тинејџери кои си го одземаат животот.
Една од најчестите причини за самоубиство кај тинејџерите е психичкото или физичкото малтретирање со кое се соочуваат секој ден. А од тоа сама по себе доаѓа и самокритичноста, мислата дека не се доволно добри, не се доволно убави, слаби, успешни, популарни… Општеството постојано ни наметнува некои погрешни вредности, а младите се обидуваат да се вклопат во тој профил на личност за да се почувствуваат доволно вредни.
Ако имате tumblr профил, многу често ќе наидете на блогови каде тинејџерите анонимно се исповедуваат и кажуваат зошто решението за проблемите го наоѓаат во самоубиството. Мене просто ме фрапира фактот колку негативни мисли може да собере во глава на 16 годишен тинејџер. Секогаш кога ќе разгледувам некој таков блог се полнам со негативна енергија. Многумина од нив преминуваат на самоповредување, бидејќи како што велат самите – физичката болка му помага на умот да се фокусира на нешто друго.
Ама има и такви блогови кои нудат помош, даваат совети за тоа како да се справите со одредени ситуации и се преполни со убави пораки за животот. Има цели статии за тоа како да ги преживеете средношколските години. И навистина е жално што многу млади во светов се обидуваат најбезболно да го поминат периодот кој всушност треба да им биде најубав во животот, барем кога станува збор за дружбите, обврските и пронаоѓање на себеси низ најразлични активности.
Мене ме следеше некое меланхолично чувство додека ја читав книгава, можеби затоа што постојано се ставав во улогата на Грег и останатите ликови. Ама во суштина книгава не е депресивна, дури и успеа на неколку моменти да ме насмее. Обично ваквите книги знаат да остават некоја тежина откако ќе ги дочитате. Не беше таков случајот со оваа.
Меѓу негативните коментари за книгава, стоеше дека е неуверливо како може еден тинејџер кој има целосна поддршка од родителите, живее во здрава средина и хармонично семејство, да страда од депресија. Ама мислам дека баш тоа ѝ беше потребно на една ваква книга, зашто многу луѓе во нашето опкружување страдаат од депресија, а навидум имаат совршен живот. Некогаш притисокот со кој се соочуваат е преголем, а стравот од неуспех постојано ги следи и ги доведува до тотален крах. Секој може да страда од депресија, не само оние на кои им се случил некаков несреќен настан. Само прашањето е кој колку може да се справи со она што му го сервира животот. И токму тоа беше случајот со Грег – беше совладан од стресот и притисокот кој му го создаваше училиштето.
Генерално ми се допадна како беа претставени и останатите ликови во психијатриската болница. Никој не беше етикетиран според дијагнозата. Сите беа доловени преку заедничките дружби кои ги имаа.
На крајот од книгата прочитав дека самиот автор всушност престојувал во таква институција, па тоа некако беше убаво заокружување на приказната, со заклучок дека иако тој подоцна станал успешен, имал тежок период од животот кога му била потребна помош. Уште пред да ја почнам книгата видов дека авторот е починат, ама откако ја завршив и почнав да гуглам, видов дека всушност се самоубил. И ми падна жал што не успеал да се избори со сопствените демони.
“I didn’t want to wake up. I was having a much better time asleep. And that’s really sad. It was almost like a reverse nightmare, like when you wake up from a nightmare you’re so relieved. I woke up into a nightmare.”
“People are screwed up in this world. I’d rather be with someone screwed up and open about it than somebody perfect and ready to explode.”
“Its so hard to talk when you want to kill yourself. That’s above and beyond everything else, and it’s not a mental complaint-it’s a physical thing, like it’s physically hard to open your mouth and make the words come out. They don’t come out smooth and in conjunction with your brain the way normal people’s words do; they come out in chunks as if from a crushed-ice dispenser; you stumble on them as they gather behind your lower lip. So you just keep quiet.”
“Sometimes I just think depression’s one way of coping with the world. Like, some people get drunk, some people do drugs, some people get depressed. Because there’s so much stuff out there that you have to do something to deal with it.”