“The Almost Sisters” – Joshilyn Jackson
Суперхероите отсекогаш биле слабост на 37 годишната Леа, која инаку обожава и самата црта стрипови. Па така, кога една вечер ќе го запознае мистериозниот „Бетмен“, опиена од неговиот шарм и многу алкохол, ќе заврши со него во кревет. Од тогаш повеќе не го сретнува, па откако ќе дознае дека е бремена, сфаќа дека не постои никаков начин да го пронајде таткото на нејзиното дете. Додека се соочува со тој проблем, дознава дека нејзината најдобра другарка е пред развод, а нејзината 90 годишна баба има деменција, поради што таа мора да се врати во родниот град за да се грижи за неа и работите да ги доведе во ред. Откако ќе пристигне во малото гратче, Леа дознава дека грижите што дотогаш ги имала – се најмалиот проблем. Тајната закопана во нејзината семејна куќа конечно е откриена, а тоа му се заканува на целото семејство.
Прв пат читам нешто од Џошлин Џексон и морам да го пофалам нејзиниот стил на пишување – раскажувањето течеше лесно и глатко, приказната убаво се развиваше и беше зачинета со многу комични моменти кои ми го разубавуваа читањето ? Ликовите ми беа апсолутно симпатични, сите имаа нешто што ми се допадна и сите беа одлично вклопени и поврзани еден со друг. Приказната имаше некоја топлина и беше раскажана со таква леснотија, иако имаше темна позадина и зборуваше за тешките гревови на кои некогаш сме принудени, предрасудите од околината кои често го диктираат нашето однесување, дилемите со кои се соочуваме низ животот и грешките за кои потоа бараме прошка.
Мене книгава ми се допадна во целост, имаше јужноамерикански шмек кој ми даде една појасна слика за живот таму. Сепак морам да ја оценам со тројка, зашто иако цело време настаните држеа константна брзина, имав чувство дека крајот е избрзан, како некој да ја терал авторката што побрзо да ја заврши приказната. Исто така мислам дека некои работи беа недокажани, барем јас лично посакувам да беа подобро разјаснети. Инаку сè друго ми се допадна ?