“The Promise of Stardust” – Priscille Sibley
Мет ја запознал Ел кога имал само две години. На седумнаесет за прв пат ја бакнал, а на 33 конечно ја убедил да се омажи за него. Сега во доцните 30-ти, тие двајца имаат сè – освен бебето што отсекогаш го посакувале.
Кога после страшна несреќа Ел останува врзана за болнички кревет, нејзиното тело функционира, но нејзиниот мозок не. Мет е уништен и иако не може да го замисли животот без неа, сепак знае дека Ел се плаши само од едно нешто – бавна смрт. Затоа, тој одлучува да и ги скрати маките.
Но, за ваквата одлука тој сепак почнува да се колеба откако дознава дека Ел е бремена. И покрај нејзината лоша здравствена состојба, постојат реални шанси бебето да преживее. Во овој момент, Мет гледа светла точка во неговата иднина – конечно би можел да добие дете, плод на нивната незимерна љубов. Сепак, неговата мајка не се согласува со ваквата одлука. Таа ја сака Ел и многу добро ја познава, па знае дека не би сакала нејзиниот живот да опстојува на машини. Еден против друг, двајцата мислејќи дека знаат што е најдобро за Ел, Мет и неговата мајка влегуваат во страшна битка која стигнува пред суд и од која е сосема извесно дека една страна ќе остане ранета.
Прекрасна и крајно емотивна приказна која ќе ви отвори многу прашања и дилеми од морална природа.
На почетокот малку се двоумев околу тоа на чија страна ќе бидам, зашто за мене Ел сé уште беше само жена во болнички кревет за чиј живот се води судски спор. Ама како што течеше приказната, така повеќе ги запознавав ликовите и веќе знаев на каков крај се надевам. Многу ми се допадна како беше обработен карактерот на Ел, како преку раскажувањата на Мет и нејзините писма, полека се оформи во целосен лик кој доби свој глас во заплетканата приказна. Се восхитував на нејзината професија и страста која ја имаше кон истата. Што се однесува до Мет, низ текот на настаните сé повеќе ми освојуваше симпатии. Имаше некоја топлина во неговиот лик, толку љубов носеше во себе.
Ми се допадна дури и нивната љубовна приказна. Навидум обична, ама баш тоа ја правеше посебна. Немаше ништо бајковито во неа, беше реална и токму тоа ми допадна. На моменти патиштата им се разминуваа, ама некогаш потребна е разделбата за двајца да сфатат колку си значат.
Некои читатели имаа забелешки дека приказната е развлечена, ама јас воопшто немав таков впечаток. Ако беше пократка, мислам дека настаните ќе беа избрзани, вака држеше некое добро темпо и во ниеден момент не почувствував досада. Можеби се повторуваа некои работи, ама мислам дека во вакви книги со дискутабилни теми, потребно е време за да се поврзеш со целата приказна и ликовите во неа. Инаку ќе оставаше чувство дека писателката само протрчала низ настаните, без да им даде длабочина.
Реално, приказната можела многу лесно да излезе од колосек, ама беше добро спакувана. Дури и насловот е одличен. Имаше повеќе моменти кои ме допреа и повеќе цитати кои вредат да се запишат:
“I’m marrying him because I admire his intelligence and his compassion. I’m marrying him because he’s part of me already. Because he’s the one person who has always known my heart. Because I could trust him to know what I needed if I couldn’t figure it out by myself. Because he loves me, and I love him. And I need him.”
“There is uncertainty in hope, but even with its tenuous nature, it summons our strength and pulls us through fear and grief— and even death.”
“For some reason, people try to fill you with food when you’re filled with grief. I didn’t need food. I needed a reason to keep living.”