“The Taste of Salt” – Martha Southgate

Кога прв пат ја здогледав книгава на Goodreads, привлекувајќи ми го вниманието со корицата, си помислив дека во неа се работи за некое семејство што се занимава со производство и трговија на сол 😀 Ама приказната всушност се базира врз познатиот цитат на Карен Бликсен: “The cure for anything is salt water: sweat, tears or the sea.” Впрочем, со овој цитат почнува самата книга.

Книгава ја следи приказната на едно афроамериканско семејство – сите убави моменти, сите радости, сите разочарувања, изневерувања, борбата против пороците, обидите да се спаси семејството, поддршката, болката, љубовта, разделбите, простувањата… Не можам да издвојам некој воведен момент што се случи за да ве заинтригирам, едноставно самата приказна е таква. Јас би рекла дека е реална. Секој читател во неа може да ги препознае проблемите на сопственото семејство, или на семејства од неговото опкружување. Книгата држеше едно такво темпо, што немаше заплет, кулминација или расплет. Барем јас не препознав некои такви моменти. Сè течеше во таква линија, буквално како да читате дневник за случувањата во нечие семејство.
Не можам да кажам дека имаше некој конкретен лик на кој беше ставен акцент, бидејќи поглавјата беа поделени и беше дадена перспективата на (скоро) секој лик во книгата. Кога сум веќе кај ликовите, малку ми беа нецелосни, немаше ниту еден лик кој особено ми се допадна. Дијалозите на моменти беа премногу прости, дури некои од нив ми беа тотално непотребни. Ми личеше дека се напишани само колку да се бројат зборовите. Исто така крајот ми беше како пресечен со секира. Кога ја свртев страната очекував барем уште едно поглавје, ама сфатив дека толку е, ова е последното.

Со еден збор би рекла дека книгава држи некој просек. Немаше ништо воодушевувачки, ама имаше убави моменти што ми се допаднаа. Иако малку бев построга во забелешките, па набројав сè што не ми се допадна 🙂
Quick read е во секој случај. Ако и вас доволно ве привлече корицата, дајте ѝ шанса 😉

Би можело да ти се допадне и ова...