“Landline” – Rainbow Rowell
Џорџи знае дека нејзиниот брак е во неволја – таа сè уште го сака нејзиниот сопруг Нил, тој исто така, но постои проблем.
Два дена пред да го посетат семејството на Нил за Божиќ, Џорџи му кажува дека не може да оди бидејќи мора да остане во Лос Анџелес заради работата. Таа знае дека Нил ќе биде лут поради тоа, но не очекува од него да се спакува со децата и да оди без неа.
Таа ноќ, Џорџи открива начин да комуницира со Нил во минатото – не се работи за временска машина, туку за еден обичен телефон преку кој таа може да разговара со Нил додека бил млад. И знае дека тоа е можност да ги поправат грешките од минатото, уште пред да започне нивниот брак.
Прво морам да кажам дека се вљубив во Џорџи и Нил 🙂 Многу ми беа симпатични. Тотална спротивност еден на друг, а сепак беа во некоја рамнотежа. Еден од моите омилени цитати од книгава ќе го сместам баш тука:
“Nobody’s lives just fit together,” Neal said. “Fitting together is something you work at. It’s something you make happen—because you love each other.”
Раскажувањето течеше глатко, па страниците летаа една по друга.
Ми се допадна самата идеја со телефонот и си се замислив каде би се јавила јас ако имам еден таков. Сите ние имаме некои неискажани работи, сите имаме некој со кого веќе не сме во толку блиски односи, сите посакуваме да се вратиме назад и да исправиме некои работи.
Мене приказната за Џорџи и Нил ме потсети на филмот Friends With Kids, имаше еден убав цитат таму кој отприлика одеше вака: When things were good – we were good. When things got bad – we got bad.
Бракот е една низа од успеси и падови, сплет од среќни мигови и напнати кавги. А успехот на секоја врска се гледа во тоа колку можат двајца да се справат во кризните моменти.
Многу парови поминуваат низ такви критични периоди како Џорџи и Нил. А читајќи ги коментарите на goodreads, можев да заклучам дека книгава има различна димензија за секого – во зависност од тоа дали сте во брак или долга врска. Некои работи се менуваат со текот на годините, особено ако сте во брак. Џорџи упорно се бореше за своите цели, мислејќи дека човекот кој го сака секогаш ќе биде покрај неа. Затоа се раздалечија, некако се отргнаа еден од друг, а Џорџи заслепена од кариерата си го запостави бракот и семејството. И некако ми делуваше себична со тоа што не сакаше да си ги жртвува своите соништа, ниту за оние кои ги сака.
Ми се допаднаа останатите ликови, секој од нив соодветно вклопен во животот на Џорџи.
Единствено не ми се допадна тоа што некако крајот беше избрзан. Ама во глобала ми се допадна. Ме насмеа, ме растажи, ме загрижи, ми ја стопли душата и ме натера да размислам за некои работи.
Rainbow Rowell никогаш ја немам читано, макар што често налетувам на нејзини книги, само што сите се YA. Скоро во секој коментар на goodreads прочитав дека има далеку подобри книги, така што дефинитивно ќе прочитам нешто друго од неа.