„Снежното дете“ – Ејовин Ајви
По напуштањето на своето родно место и по смртта на нивното дете, Џек и Мејбел се населуваат во дивата Алјаска, со цел да создадат нов дом и да започнат од почеток со своите животи. Но, и таму не е сè како што си замислувале. Таму владеат поинакви сурови закони на природата, а секој нов ден е нова борба за опстанок. Мејбел сè уште е обземена од тагата за бебето што го загубила пред многу години, а Џек ги исполнува деновите со тешка, еднолична работа. Нивната голема љубов им помага да преживеат, а во една игра, радувајќи му се на првиот снег, нивниот снешко добива облик на снежно дете.
Наредното утро, од снежното дете остануваат само траги од мали стапала кои водат кон шумата. Во наредните недели, Џек и Мејбел ќе почнат да забележуваат девојче со сини очи и руса коса кое ги носи шалот и ракавиците кои му припаѓале на нивното снежно дете. По извесно време, тие успеваат да ја добијат нејзината доверба, а таа доаѓа во нивната колиба и им кажува дека се вика Фаина.
Откако ја дочитав и склопив книгава, ми требаше некое време да се соземам од емоциите, да ги средам импресиите, па дури тогаш да седнам и да напишам забелешка.
Мене како некоја судбина да ме поврза со книгава – добив многу препораки, ама некако упорно ја оставав на страна, бидејќи не ми личеше на нешто кое мене би ми се допаднало. Ама откако случајно завршив во книжарница и ја сретнав на полиците, згора на сé и самата продавачка ми ја препорача, си реков мора да си ја купам. Имам лошо искуство со наши преводи на странски книги, ама овојпат имам само пофалби за тоа.
Книгава ја отворив пред спиење, сакав да прочитам некое поглавје за да видам за што се работи. Ама ме остави будна пола ноќ, бидејќи не можев да ја испуштам од раце. Иако приказната тече бавно, исплетена е со многу емоции и веднаш успеав да се поврзам со главните ликови Џек и Мејбел. Се соживеав со нивната болка. Приказната не беше толку напната и неизвесна, ама нешто постојано ме тераше да ја читам.
Стилот на пишување беше прекрасен, толку длабок, одмерен и смирувачки. Целата книга беше како везена. Толку сликовито беше опишано секое парче од природата и животот во Алјаска, што многу лесно можев да ја замислам тамошната убавина, која истовремено знае да биде и премногу сурова. Како што постепено се градеше приказната, така низ неа пејсажите беа доловени со сите суштински детали. Се приврзав за скромниот и мирен живот на Алјаска. Ме освои уште во првите страници:
„Цел живот беше верувала во нешто повеќе, во некоја мистерија која го менуваше обликот на работ на нејзините сетила. Во првкањето на крилјата од молецот пред светилката и во ветувањата на речните нимфи. Се вљуби во мирисот на дабот во летните ноќи, и во начинот на кој муграта се постилаше врз поилото за кравите и ја претвораше водата во болскот. Мејбел не можеше да се сети кога последен пат беше видела таков блескав трепет.“
Додека ја читав, некако постојано ме следеше некое чувство на меланхолија. Можеби заради самите настани, а можеби и заради начинот на кои беа раскажани. Но, на моменти успеа и да ме насмее. Беше во умерени дози и по малку комична 🙂
Ликовите многу ми се допаднаа. Мислам и дека главниот носител на книгава не беше самата приказна, туку ликовите. Нивната приврзаност еден за друг, нивната решителност да отидат во непозната земја и да почнат нов живот, нивната издржливост наспроти тешките услови, нивните начини на справување со сопствените стравови… Баш ми беа некако совршено вклопени. Семејната пријателка Естер беше неопходниот носител на ведрина во целата тажна приказна, многу ми се допадна нејзиниот весел дух. И еден од нејзините цитати кои ги обележав во книгата:
„Мила, слатка Мејбел“, рече таа. „Никогаш не знаеме што може да се случи, нели? Животот постојано нé фрла наваму-натаму. И токму во тоа лежи сета авантура. Да не знаеш каде ќе стигнеш и како ќе поминеш. Сето тоа е мистерија и ако тврдиме поинаку, тогаш само се лажеме себеси. Кажи ми, кога си се чувствувала најживо?“
А што се однесува до ликот на Фаина – склоп на фантазија и реалност, лик кој секој ќе го доживее на свој начин. Ме натера да размислам за она од каде доаѓаме и каде припаѓаме. Во текот на целата книга ме држеше чувство на љубопитност за нејзиното потекло, за тоа дали е реална или само плод на нечија фантазија.
Ова е една од оние книги кои те проголтуваат уште од првото поглавје и те држат занесен во текот на целото читање. Ќе ја паметам уште долго.