„Кога мене ќе ме нема“ – Колин Оукли
Книгава за прв пат ја видов на киндлот и ме привлече кратката содржина, а потоа уште неколку пати ја сретнав на листа со предлози. После прочитаните позитивни коментари и високите оценки, си реков дека морам да ја прочитам.
„Кога мене ќе ме нема“ ја раскажува приказната за младата Дејзи која доживува катастрофален удар – 3 години по успешното лекување од рак, таа дознава дека повторно ја чека истата битка. Но, овојпат е поразена уште од самиот старт. Лекарите прогнозираат дека ѝ преостануваат уште само 4 месеци од животот.
Првата третина на книгата ветуваше многу! Стартот беше добар, ми се допадна почетокот на приказната, некако се поврзав со трагичната судбина на Дејзи, особено затоа што како што се вели и во самата книга: Everybody knows somebody with cancer.
Кога стигнав некаде до втората третина, настаните некако ми ја извртеа целата перцепција. Мислев дека поинаку ќе ја доживеам приказната, ама јас на моменти бев толку бесна на Дејзи, што сакав да ја грабнам и да ѝ речам: Аман жено, што правиш?! Работава беше: Sometimes I want to slap some of the characters with their own book!! Се обидував да ги оправдам нејзините постапки преку нејзината несебичност, ама толку ми беше сето тоа недозреано и детски, што стварно ми доаѓаше да ја треснам со книгата!
Очекував книгава да ме допре, баш затоа што имав близок член на семејството што имаше ваква битка. Очекував да се соживеам со судбината на Дејзи, со болката на нејзиното семејство. Единствено успеа да ме потресе последното поглавје – она кога си изгубил некого и сè уште не си свесен дека го нема. Сè уште не можеш да се навикнеш на неговото отсуство, не ти се верува дека повеќе не е дел од твојот живот.