„Жената на прозорецот“ – А.Џ. Фин
Откако се случува трагедија во нејзиниот живот, Ана Фокс се затвора во својот дом, плашејќи се да го премине прагот. Таму се чувствува безбедно, па деновите ги поминува безлично, гледајќи црно-бели филмови, пиејќи коктел од алкохол и антидепресиви и шпионирајќи ги своите соседи. Една ноќ додека гледа во станот отспротива, таа е сведок на ужасен настан. Проблемот е што никој не ѝ верува, а после толку вино и апчиња, таа почнува да се сомнева во самата себе. Дали тоа што го видела е реално, или само производ на халуцинација?
Ми требаа некои триесетина страници за да навлезам во приказната, можеби не бев доволно сконцентрирана, па работите ми „бегаа“ многу лесно и не ми беше јасно што се случува. Ама после веќе почнав повеќе да ги следам настаните и пробував да предвидам некои работи. Морам да кажам дека на неколку моменти ме изненади. Голем обожавател сум на вакви книги, во последно време ми се случува лесно да ги предвидам затоа што имам многу можни сценарија во глава, ама овојпат бев со реакција: Well, I didn’t expect that 🙂
Вниманието ме држеше до последната страница, а приказната лесно се читаше, дури се изненадив кога видов колку страници има, зашто бев убедена дека се помалку. Иако цело време имав чувство дека нешто ми недостасува во приказната, расплетот како да ги потполни сите празнини, па генерално впечатокот ми е многу позитивен. Можеби нема да ѝ дадам 5 ѕвездички, тоа многу ретко се случува, ама книгава заслужува солидна четворка и препорака за сите љубители на трилери 🙂