Време за читање – што ли беше тоа?
Кога луѓето ќе дознаат дека сум голем љубител на книгите, вообичаено најпрво ми го поставуваат прашањето: Како ли наоѓаш време за читање?
И вака кога ќе размислам, ми се чини дека не правам некој особен напор за да најдам време да седнам со книгата, некако нормално ми доаѓа секој слободен момент да го користам за читање. Искрено, не се сеќавам кога за последен пат поминал ден без јас да прочитам барем неколку страници. Денот ми почнува со читање во автобус додека патувам до работа, ако не сум премногу уморна вообичаено читам и кога се враќам кон дома. Некој за тоа време сака да слуша музика, некој решава крстозбори, некој се занимава со игри на телефон, а јас – читам. Скоро секогаш со мене го носам киндлот или некоја книга која ја читам во моментот, па не ретко ми се случува додека седам во чекална, да го поминам времето во читање.
Веројатно сите ние помалку или повеќе можеме да најдеме време за слободни активности, само прашање е за што ќе го искористиме. Само ако пресметате колкав дел од денот поминувате скролајќи фејсбук, инстаграм и други социјални мрежи, ќе се изненадите колку слободно време всушност имате. Ако пак сте љубители на филмови и серии, тогаш верувам дека веќе ви е јасно колку време поминувате пред телевизор или компјутер. Сигурно би можеле барем мал дел од тоа време да го одвоите за книга.
Ако порано сте сакале да читате, ама некако со текот на времето сте изгубиле контакт со книгите, а сепак сакате да се вратите на ова убаво хоби, неколку совети за вас. Најдете книга која ќе ви го задржува вниманието и ќе ви биде толку интересна, што ќе не можете да ја испуштите од раце. Секогаш е полесно да добиете мотивација за читање ако едвај чекате да прочитате што ќе се случи понатаму во приказната. Тогаш навистина ќе гледате да го украдете секој слободен момент, макар за неколку страници. Дополнително, можете да се придружите кон читателски клуб каде книгите се читаат за одреден период, а потоа се коментираат, па на некој начин ќе чувствувате обврска да завршите со читање во определениот рок. Ако не можете да најдете некој веќе оформен читателски клуб на кој може да се придружите, секогаш можете меѓу пријателите, роднините, или колегите да најдете друг љубител на читањето, па да се договорите да читате иста книга, а потоа да ги споделите импресиите. И за крај најважното – организирајте го времето. Ве уверувам дека имате многу повеќе слободно време отколку што си мислите. Само треба да ја смените вашата дневна агенда 😉