„Ние бевме лажговци“ – Е. Локхарт
Каденс, Гет, Мирен и Џони се четири деца од богато семејство кои летата ги поминуваат на приватен остров, сопственост на нивниот дедо. Сите четворица се многу поврзани, но едно лето ќе се случи нешто страшно кое ќе ја остави Каденс со повреди кои ќе ѝ предизвикаат амнезија. Дури две години после трагичниот настан, таа сè уште ќе не може да се сети што навистина се случило, а што е најстрашно – никој нема да сака да ѝ ја открие вистината.
Кога направив анализа на оценките и коментарите за книгава, сфатив дека е една од оние за кои има сосема спротивставени мислења – или ќе ви се допадне премногу, или нема воопшто да ви се допадне. Јас спаѓам во вторите.
Искрено, единствено нешто кое ме држеше до книгава во текот на читањето беше љубопитноста. Ама не во однос на тоа што се случило, или како ќе заврши, туку зошто книгава има толку добри критики.
Прв пат читам книга во која ликовите се само имиња. Не беше даден никаков физички, ниту пак карактерен опис, па затоа и не можев да ги замислам во глава. Карактерите ми беа тотална мистерија. Голем минус за тоа.
Дијалозите некако не ми беа поврзани, цело време имав чувство дека читам склопени парчиња приказни. Макар што, на крајот веќе логично беше тоа што настаните не беа којзнае колку хронолошки подредени, дури и на моменти ми изгледаа само така нафрлани.
Начинот на раскажување ми беше скуден и сувопарен. Речениците беа кратки и немаше некои убави и длабоки мисли кои би ми останале во глава, освен неколку сосема мали исклучоци.
Расплетот беше единствениот плус кој ѝ го давам на книгава – ми се допадна психолошкиот начин на надополнување на изгубените сеќавања на Каденс.
Идејата не е нешто ново – навидум перфектно семејство, задскриено зад фасадите на совршенството. А зад сето тоа, се кријат мрачни приказни. Описите на почетокот ме потсетија на серијата Dirty Sexy Money 😀 Ама и покрај тоа, мислам дека не е толку важно тоа што идејата е веќе видена, колку што беше лошо реализирана. Не знам зошто толку висока оцена има книгава. Во глобала, мене лично не ми се допадна. Јас ѝ давам двојка.
Некако, ме измачи. Воопшто не беше интригантна и неизвесна. Со тешки сили се движев низ настаните, се обидував да ги спојам приказните и да разберам што всушност се случува. Да беше малку подолга, веројатно ќе се откажев од читање.
Сепак, би рекла да ѝ дадете шанса, токму заради она што го пишав погоре – постои можност многу да ви се допадне 🙂 Предност е тоа што е кратка, така што и да не ви се допадне, нема да изгубите премногу време читајќи ја.