„Господар на играта” – Сидни Шелдон
Прво нешто кое морам да го кажам за книгава е тоа дека ако не го знаев авторот, никогаш немаше да помислам дека е Шелдон. Шелдон е познат по неговите паралелни раскажувања на повеќе приказни, а секое поглавје го завршува толку неизвесно и загадочно, што едноставно мораш да продолжиш да читаш. „Господар на играта” имаше малку поинаква структура.
Книгата е со еден збор кажано – обемна. Мислам дека има над 500 страници, ама имаше толку многу настани и ликови, што слободно можеше да се распостеле на двојно повеќе од тоа. Дури на моменти морав да подзастанам и да се потсетам што сè се случи и како ликовите се поврзани меѓу себе. Поделена е на пет дела, а секој од нив следи различна генерација од семејството Блеквел – моќно семејство кое лежи врз милијарди. Првиот дел во книгата ја раскажува приказната за Џејми, кој поради сиромаштијата во која живее со неговото семејство, се одлучува да оди во потрага по дијаманти. После сите неволји и несреќи, Џејми ќе успее да ја основа компанијата Кругер-Брент, која низ генерациите ќе стане водечка сила и несоборлива моќ. Следните делови ги раскажуваат приказните за неговите потомци, но во центарот на вниманието ќе биде неговата ќерка Кејт – жена која не дозволува ништо да ѝ попречи на патот кон замислената цел. Постојано жедна за уште поголема моќ, Кејт ќе ја донесе компанијата на врвот, но ќе ја мачи само едно прашање – кој ќе ја наследи.
Книгата е полна со пресврти и во ниту еден момент не е досадна. А ликовите… ликовите се совршенство! Толку добро доловени, изградени до најситниот детаљ. Ги засакав иако беа злобни 😀 Очајни да го добијат она што го сакаат, без трошка грижа на совест. Без страв од последиците, без никакво чувство за морал. Не е возможно да останеш рамнодушен пред нивните сплетки и валкани игри.
Во глобала книгава ми се допадна, иако имам по некоја забелешка. На пример, мислам дека некои настани беа малку непотребно развлечени, а други беа многу набрзина разрешени, без да има оставен простор сето тоа да се соџвака. Некои настани не ми се допаднаа, јас би изиграла поинаку да бев на местото на Шелдон, ама добро, тоа кога јас ќе пишувам книга ќе кажам како да биде 😀
Генерално книгата ми беше одлична. Ја препорачувам на сите љубители на непредвидливи трилери.