“After I Do” – Taylor Jenkins Reid
Ќе бидам искрена и ќе кажам дека прво нешто што ме привлече кај книгава беше корицата 🙂 Па уште и во комбинација со насловот, веќе имав претстава за што се работи 😀 Откако ја прочитав кратката содржина и позитивните коментари на Goodreads, се одлучив да ја прочитам.
Лорен и Рајан се заедно уште од своите тинејџерски години и отсекогаш верувале дека се створени еден за друг. Чекор по чекор, тие заедно растат и учат што сакаат во животот, и со здружени сили градат заеднички живот. Кога веќе ја почнуваат втората деценија заедно, двајцата согледуваат дека нешто во нивниот брак одамна не е како што треба. Разговараат сè помалку, се караат сè почесто. Страста се намалила, љубовта почнала да згаснува, за во еден момент да сфатат дека повеќе не се поднесуваат. Сепак, во обид да го спасат бракот, решаваат да си дадат една година сами на себе, без воопшто да се гледаат и контактираат. Од тој момент, Лорен и Рајан се соочени со клучното прашање: Дали таа година ќе ги зближи, или ќе ги раздели? Дали ќе им ги врати чувствата и ќе сфатат дека не можат еден без друг, или среќата ќе ја најдат на друго место?
Во книгава ми недостасуваа неколку работи. Прво, има книги во кои љубовните врски се толку добро опишани, што јас самата се вљубувам во нив и премногу се соживувам со сè што им се случува. На пример во One True Loves, што е книга од истата авторка, толку добро беше доловено тоа, што знаеше на моменти да ме расплаче. Овде како да ми фалеше простор за да ги засакам Рајан и Лорен, т.е. да ја засакам нивната врска. Некако многу брзо имаше скок во нивните брачни проблеми. Второ, ми фалеше дел од Рајан, како да го запознававме само од призмата на Лорен, затоа што целата книга е раскажана од нејзина перспектива. Рајан буквално исчезнува, тук таму се провлекува некој момент, ама тоа не ми беше доволно за да го запознаам како лик. Исто така не ми се допадна што поглавјата некако беа кратки, како приказната да беше расцепкана, наместо да тече слободно.
Инаку другото ми се допадна, имаше комични моменти, симпатични ликови и убави цитати. Многу ми е интересно кога низ читањето ќе ми се залепи некој актер за одреден лик, едноставно така ми доаѓа, без да мислам премногу, само ги спојувам несвесно. Па така Чарли, помалиот брат на Лорен, од старт си го замислив како Clark Duke кога играше во Sex Drive 😀
Од мене тамбс ап за книгава ако сакате лесна љубовна приказна со убава поука 🙂