“Sarah’s Key” – Tatiana de Rosnay
Џулија Жармон, американска новинарка мажена за Французин, добива задача да напише статија за озлогласеното апсење „Вел Де Хив“, кое се случило во Париз во 1942 година. Таа наидува на една семејна тајна која засекогаш ќе ја поврзе со судбината на една млада Еврејка, Сара. Џулија дознава дека станот во кој планираат да се преселат таа и нејзиниот сопруг Бертранд, неговото семејство го добило пред 60 години откако тој бил конфискуван од еврејските станари, а сопствениците биле депортирани. Таа е решена да открие што се случило со поранешните станари Владислав и Ривка Старжински, родители на 10-годишната Сара и на 4-годишниот Михаил. Колку повеќе открива Џулија, особено за Сара, единствениот преживеан член на семејството Старжински, толку повеќе открива за семејството на Бертранд, за Франција, но и за себе.
Во принцип избегнувам книги кои обработуваат вакви делови од историјата, затоа што немам јака душа да читам за нечие страдање, особено кога станува збор за Холокаустот. Ама се охрабрив кога прочитав дека настаните не ја следат голготата на Евреите во Аушвиц, па затоа ја ставив на листа.
За книгава имам и позитивни и негативни критики.
Приказната во ниеден момент не ми беше досадна и ми го задржуваше вниманието. Начинот на раскажување ми се допадна – убаво украсени реченици и добри описи. Можев сите сцени многу убаво да ги замислам во глава. Особено ми се допадна паралелното следење на настаните во 1942 и 60 години подоцна. Приказната не ми беше предвидлива, иако сепак имав некои претпоставки кои се покажаа како точни.
Неколку забелешки: не ми се допадна тоа што некои поглавја беа многу кратки. Таман ќе се внесев во приказната – ново поглавје. На моменти некако многу ми беше расцепкана приказната.
Втора забелешка – целото патешествие на Џулија, од Париз до Менхетен, од Менхетен до Конектикат, од Конектикат до Тоскана ми беше многу набрзина дадено. Некако, многу беше нафрлано, а имало простор да се разработи малку повеќе. Немало да бидат на одмет неколку поглавја плус.
Но, генерално, ми се допадна. Разработува тешки животни приказни, конкретно дел од историјата за кој не се зборува толку (фактот дека Евреите во Франција биле уапсени токму од француската полиција). Мило ми е што се фокусира на децата кои ми се чини дека се заборавени. Ми се допадна тоа што некако објективно е дадена приказната. Во ниеден момент не почувствував осудување кон некого, или наведување кон нешто. Едноставно – раскажана е судбината на децата во Франција и препуштено е на самиот читател да оцени дали Французите кои учествувале во апсењето, се виновни или не. Тоа ме поттикна малку повеќе да прогуглам за она што се случувало таму за време на Vel’ d’Hiv Roundup. Со децении француската влада одбивала јавно да се извини за учеството на француската полиција во апсењето на Евреите. Повеќе од половина век подоцна, во 1995та година, францускиот претседател Жак Ширак конечно јавно излегува со извинување кон сите Евреи кои тогаш настрадале.
Инаку, интересен податок е тоа дека оваа книга чекала да биде издадена цели пет години, бидејќи многу издавачки куќи не сакале да ја купат. Веднаш по издавањето наеднаш станува хит, за потоа да доживее и екранизација 🙂