„Ејми ја нема“ – Џилијан Флин
Иако верувам дека повеќето читатели веќе ја прочитале книгава, особено затоа што беше голем хит кај нас пред извесно време, сепак не можам а да не ја објавам овде, затоа што ми е еден од омилените трилери 🙂
Едно топло летно утро во Мисури, Ник и Ејми се подготвуваат да ја прослават својата петта годишнина од брак. Се замотуваат подароци, се прават резервации во ресторани, но прекрасната и паметна сопруга на Ник одеднаш ја снемува од нивната куќа, а она што е оставено зад неа укажува на насилство… Кога сите почнуваат да ја бараат неговата прекрасна, брилијантна и духовита жена – неверојатната Ејми – Ник не изгледа толку загрижено колку што би требало да изгледа еден маж чија сакана сопруга е киднапирана, можеби и мртва. Кога полицајците почнуваат да копаат подлабоко, сфаќаат дека Ник не изгледа толку наивно како што мислеле на почетокот, напротив, тој дури можеби и има мотив да ја убие.
Прво морам да напоменам дека сакам книги во кои паралелно се дадени две приказни – или во овој случај две различни страни на иста приказна. Особено ми се допадна тоа што првиот дел беше даден во различни временски рамки. Ликовите се толку добро обработени, што додека ја читав, имав чувство дека ги истражувам и најситните мозочни клетки на главните ликови. Ник и Ејми се многу убаво психолошки анализирани преку една многу замрсена приказна од која постојано го менував курсот на размислување. Многупати ме остави подзината и постојано се обидував да го предвидам текот на настаните, но на крајот секогаш ме изненадуваше.
Бонус – филмот снимен по книгата е еден од ретките каде ми се допаднал изборот на актери кои ќе ги играат главните ликови. Бен Афлек и Розамунд Пајк беа одлични! 🙂