„Парфем“ – Патрик Зискинд
Сместен во Франција во 18 век, „Парфем“ ја раскажува необичната и застрашувачка приказна за Жан Батист Гренуј, еден лик кој колку што е фасцинантен, толку е и одвратен. Самиот роден без никаков мирис, но надарен со невообичаено развиено сетило за мирисање, Гренуј станува опседнат со идејата да создаде совршен парфем што ќе го направи целосно човечен.
Користејќи ги своите раскажувачки квалитети, како и познавањето на парфемериската технологија и сите детали за истата, Зискинд дава една јасна визуелна слика за мирисите. А брилијантните и детални описи ни даваат извонредна слика на целата убавина, но и мизерија на Франција во предреволуционерната епоха.
Ова е една од оние приказни чија екранизација е нула во споредба со книгата, затоа што едноставно е невозможно да ги доловите сите елементи и детали преку слика. Додека ја читав, имав чувство дека во книгава се собрани сите можни епитети на светов. Идејата за оваа приказна сама по себе е брилијантна, но фасцинирачки е и начинот на кој е раскажана. Толку е живописна, што ми се чини дека можев самата да ги почувствувам сите тие мириси. А ликот Гренуј ми остави многу силен впечаток, бидејќи иако се одликува со одвратност, истовремено е лик кој предизвикува воодушевување.
Необична и по малку морбидна, но сепак многу интересна 🙂