“The Girl with a Clock for a Heart ” – Peter Swanson

Велат дека првата љубов се памети засекогаш. Но, што кога таа ќе исчезне?
20 години подоцна, во животот на Џорџ се враќа Лиана, негова девојка од младоста која многу го повредила. Таа е во неволја, а само тој може да ѝ помогне.

 

Почетокот ветуваше интересна приказна и ми го задржуваше вниманието. Потоа некако интересот ми се изгуби и настаните ми изгледаа досадни. Па расплетот некако ја разгори љубопитноста кај мене, за крајот да ме остави подзината.

Прво – ликот на Џорџ ми беше многу несфатлив и не можев да го вклопам во никаков калап. На почетокот според постапките ми делуваше многу наивен и изгубен, како да не знае што сé се случува, дури и во некои моменти тотално очаен. За на крајот да се смени целосно и да испадне тој што ќе ја одгатне целата замрсена приказна. Ми беше многу нелогично тоа што толку лековерно прифати да ѝ помогне на Лиана, после сé она што го преживеал заради нејзините постапки во минатото. Од никаде се појавува после 20 години, бара некоја услуга со сомнителна заднина, а тој толку лесно прифаќа. За на крај да испадне дури и попаметен од неа. Што се однесува до Лиана, мене ми делуваше како неуспешен обид за femme fatale.

Целата приказна мислам дека беше излишно искомплицирана, со непотребни ликови и настани. На крајот кога се расветлуваше целата ситуација, откако ги вклопив сите ликови на свое место, откако сфатив кој со кого и на каков начин е поврзан и вмешан, на некои од нив искрено не можев да им ја сфатам поентата. Не можев да разберам што бараат во книгава. Навистина мислам дека немало потреба од усложнување на околностите.

Објаснувањето на целата ситуација на крај ми беше малку бесмислено. Толку заплеткан план за кој има поголеми шанси да тргне нешто наопаку, отколку да се оствари како што е замислено. Многу работи можеа да свртат во сосема друг правец.

Исто така, не ми се допадна тоа што некои работи се повторуваа во текот на раскажувањата. Имав впечаток дека целта е само да се потполнат страници. И она што најмногу ми недостигаше во целава книга беа искажувањето на емоции кај ликовите. На некои моменти ми се чинеше дека читам драма во која само се нафрлани дијалози без да можам да ја замислам нивната фацијална експресија, ниту тоналитетот со кој зборуваат.

За крајот претпоставувам дека е оставен простор да има продолжение. Во спротивно книгава би имала еден од најлошите завршници што воопшто сум ги прочитала.

Од цитатите во текот на читањето само еден ми остави впечаток:
“No one can choose the family he was born into. No one can choose his own name, or how he looks, or what kind of parents he has. But as we get older we get to choose, and we can become the person that we were meant to be.”

Би можело да ти се допадне и ова...