Аудио книги – предности и мани
Неодамна почнав повеќе да се осврнувам кон аудио книгите, а последната книга која ја „прочитав“ беше токму во таков формат, па решив да напишам нешто повеќе за предностите и недостатоците на ваквите книги, гледано од моја гледна точка.
Од сè она што го читам по македонските форуми и фејсбук групи наменети за читатели, можам да заклучам дека кај нас допрва стануваат популарни електронските книги, но за аудио книгите се чини дека малку ќе почекаме 🙂
Една од предностите на аудио книгите сигурно ви е веќе на ум – можете да ја слушате книгата додека правите нешто друго. Додека готвите или миете садови, чистите по дома, возите некаде низ градот, пешачите, спортувате, или едноставно лежите во кревет и одмарате очи. Многупати досега ми се случило да имам време и желба за читање, ама да немам енергија или да бидам преморена, затоа што самата моја работа се состои од секојдневно 8 часовно седење и читање пред компјутер. Аудио книгите се одлични ако сакате да одморите од читањето, а сепак да ја следите приказната. Секако, концентрацијата треба да ви биде поголема од тоа кога на пример слушате музика додека ги обавувате споменатите обврски, но штом се навикнете, мислам дека не е толку тешко.
„Читањето“ оди побрзо, па една аудио книга ја завршувате за многу пократко време од печатената. На пример, една книга од околу 300 страници ја преслушав за два дена, додека пешачев, готвев, чистев низ дома и слично. За печатената верзија би ми требало повеќе време и услови. Освен тоа, слушањето нема да ве замори толку колку читањето – можете без проблем да ја слушате книгата и по неколку часа без никаков прекин, што можеби не е случај со читањето.
Друга предност е тоа што се практични и можете да ги носите каде сакате и во колкав број сакате. Додека една печатена книга може да ви тежи и да ви зафаќа многу место во чанта, во мобилниот можете да ставите десетици фајлови со аудио книги.
Еден од недостатоците е ограничената достапност до наслови. На интернет можете да најдете сајтови кои нудат аудио книги, или пак да симнете такви апликации на телефон, но факт е дека бројот на наслови, а секако и јазици, е навистина ограничен. Ако немате проблем да слушате книги на англиски јазик, тогаш сте во голема предност, но и покрај тоа, можеби ќе биде тешко да најдете некоја одредена книга која сакате да ја слушате.
Друг недостаток што барем кај мене се покажа како голем проблем, е нараторот на книгата. Кога ги разгледувам насловите и кратките содржини на аудио книгите, неретко се случува изборот да го направам токму заради нараторот. Многу е важно како ќе ви „легне“ нарацијата, за да можете полесно да се внесете во приказната. Можеби звучи чудно, но огромна улога игра бојата на гласот на раскажувачот, неговата дикција, како и неговата способност да ја пренесе приказната на вистинскиот начин. Да се разбереме – снимањето аудио книга не подразбира едноставно читање на некаков текст, туку комплетно „влегување“ во самата кожа на ликовите и пренесување на сите нивни емоции. Има наратори кои тоа многу умешно го прават, но за жал и такви кои малку потешко се снаоѓаат во оваа улога.
Исто така, мене лично ми беше малку тешко да се навикнам да не го читам секој слушнат збор, затоа што иако немам проблем со англискиот јазик и одлично го разбирам, сепак дури и кога гледам серии и филмови користам англиски превод. Некако, чувствувам дека можам подобро да ги следам настаните ако истовремено читам сè што се зборува, затоа што на пример се случува да не можам убаво да го слушнам секој збор, или да не го разберам во моментот, но ако го прочитам би го разбрала. Затоа најчесто кога барам аудио книги, гледам да одберам некоја полесна книга која би можела да ја следам додека работам низ дома со слушалките во уши, без да се грижам дека ќе пропуштам нешто важно ако не слушнам некој збор.
Земено сè заедно, би рекла дека аудио книгите се добра опција. Доколку никогаш не сте слушале аудио книга, ви препорачувам барем да пробате, нема што да изгубите, а можеби ќе ви се допадне толку многу, што во иднина наместо музика во позадина, ќе слушате книги 🙂