„Сјаење“ – Стивен Кинг
Ретко кој не слушнал за една од најчитаните книги на Стивен Кинг, особено затоа што по неа е снимен филм кој е меѓу најпознатите хорор филмови и ден денес. Верувам дека ако ништо друго, на интернет барем сте сретнале некоја слика од морничавиот филм 🙂 Во случај да не сте запознаени со оваа приказна, а сте љубител на овој жанр, во продолжение следи мојата кратка критика за „Сјаење“.
За време на зимскиот период, Џек заедно со неговата жена Венди и синот Дени се вселуваат во хотелот „Видиковец“, каде Џек добива работа како домар. Во тие неколку месеци отсечени од цивилизација, Џек се обидува да се избори со алкохолизмот и со нападите на бес, додека ја пишува неговата нова театарска претстава. Но, се чини дека „Видиковец“ не е само обичен хотел, туку во него владеат мрачни сили…
Во првата половина некако имав чувство дека книгата е преполна со непотребни сцени, ама понатаму во текот на читањето, видов дека секое раскажување се вклопуваше во приказната како парче од сложувалка 🙂 На сметка на тоа, самото дејствие се одвиваше бавно, ама затоа ликовите беа одлично психолошки обработени и многу внимателно конструирани. Многу комплексни, а можеби затоа ми предизвикаа чувство на емпатија. Можев да се поврзам со нивните животни приказни.
Најпрво морам да потенцирам дека јас лично книгата не ја доживеав како што очекував, можеби затоа што мислев дека ќе биде многу пострашна. На моменти е навистина морничава, но хорор моментите не ми оставија толку силен впечаток. Филмот ми беше многу пострашен.
За мене херојот во целава приказна беше Џек. Венди дури и ми беше неподнослива. Без разлика на тоа што се случило во минатото, Џек успеал да се издигне од дното и постојано се обидуваше да се искупи за неговите грешки. Семејството му беше на прво место, во сите ситуации покажуваше грижа кон нив двајца, а Венди во никој случај не му ја даваше довербата што ја заслужи. И токму таа недоверба го убиваше Џек. Бидејќи што и да направеше, Венди секогаш ќе гледаше со обвинувачки поглед кон него.
“Things had never really changed. Not to Wendy. He could be off the juice for twenty years and still when he came home at night and she embraced him at the door, he would see/ sense that little flare of her nostrils as she tried to divine scotch or gin fumes riding the outbound train of his exhalation. She was always going to assume the worst; if he and Danny got in a car accident with a drunken blindman who had a stroke just before the collision, she would silently blame Danny’s injuries on him and turn away.”
Што се однесува до Дени, особено ми се допадна како беше дадена неговата перцепција на настаните. Беше даден убав приказ за тоа како размислува детската глава преку тоа како ги доживеа некои работи.
“But despite Daddy’s careful explanations, Danny was scared. There didn’t seem to be any difference at all between LOSING YOUR MARBLES and HAVING A BREAKDOWN, and whether you called it a BUGHOUSE or a SANNYTARIUM, there were still bars on the windows and they wouldn’t let you out if you wanted to go.”
Мислам дека главниот адут на книгава не беше морничавата приказна, туку самите ликови. Како Џек, Венди и Дени се опседнати од хотелот, секој борејќи се со своите внатрешни демони. Кај секој од нив стравот имаше различна форма и сите различно ги доживуваа непредвидливите настани.