Филмови направени по книги
Книга или филм – вечната дилема 🙂 Читателите многу често се против екранизација на книгите, бидејќи она што е напишано во една книга е навистина тешко да се долови на филмското платно. Да ја скоцкате приказната во филм од 2 часа, откако претходно била распослана на 500 страници – и не е така лесна задача. Од тие причини многу често недостасуваат одредени работи во филмовите, некогаш некои настани и детали се сменети, па верувам дека тоа дополнително создава револт кај читателите на кои многу им се допаднала книгата таква каква што е. Покрај тоа, секој читател има свој „филм“ во главата додека ја чита книгата, самиот ги креира сцените и ликовите, па речиси е невозможно филмот да се поклопи со сечија замисла и имагинација.
Јас лично избегнувам да гледам филмови направени по книги, ако веќе сум ја прочитала книгата, а особено ако многу ми се допаднала, но некогаш љубипитноста е поголема 🙂 Има филмови кои ме разочарале и сум се покајала што сум ги изгледала, ама и такви за кои сум си рекла дека режисерите завршиле добра работа.
Еден од филмовите кои не ми се допаднале е „Парфем“, снимен по истоимениот роман на Патрик Зискинд. Ако ја знаете кратката содржина на книгава, тогаш веројатно и самите ќе претпоставите дека едноставно е невозможно да се долови приказната каква што е. Самата книга е таков магичен спој на епитети и описи, што излишен е било каков обид сите тие елементи и детали да се прикажат преку слика.
Големо разочарување ми беше и „Ана Каренина“ – Толстој е голем, а Кира Најтли лоша актерка. Можеби во други филмови е одлична, ама според мене воопшто не ја портретираше Каренина како што беше прикажана во книгата. Уште кога го најавија филмот знаев дека не ми се допаѓа изборот на актерка за главната улога, ама сепак решив да ѝ дадам шанса. Сè уште не знам зошто.
„Убиство во Ориент Експрес“ не го догледав, иако се обидував да ја пoдгреам атмосферата во друштво додека го гледавме заедно, ама едноставно целата неизвесност што ме водеше низ книгата, отсуствуваше во филмот. А што се однесува до изборот на актери, мислам дека во мојата глава Поаро секогаш ќе биде David Suchet, но и Kenneth Branagh воопшто не беше лош во таа улога 🙂
„Сјаење“ и култниот лик на Џек Николсон – знам дека филмот им се допадна на многумина и не е дека беше лош, само што јас имав поинаква замисла додека ја читав книгата. Во филмот многу ми се допадна како беа прикажани сцените, ми се допадна и музиката, ми беше пострашен од самата книга, ама ликовите јас некако поинаку ги доживеав.
За оние кои го гледале „Јас пред тебе“ без да ја прочитаат книгата – искрено жалам. Кога читав коментари за филмот, добив впечаток дека многумина го доживеале како лесна лимонатка, како некој филм направен по книгите на Николас Спаркс, а всушност кога ќе размислам, романсата воопшто и не беше во прв план на приказната. Имаше нешто многу подлабоко, посуштински во неа. Мене не само што ме остави со солзи, туку и неколку дена по ред не можеше да ми излезе од глава.
Во „Ејми ја нема“ од старт ме освои изборот на актери. Бен Афлек и Розамунд Пајк беа одлични! Мистериозноста на приказната беше одлично прикажана и иако недостасуваа некои детали, би рекла дека е добра визуелизација на делото. Исто така ми се допадна и серијата направена по романот „Големи мали лаги“ на Мориарти. Многу ми се допадна како е склопена, почнувајќи од тоа како ја раскажуваат приказната, колку добро се доловени сцените, музиката, изборот на актери… Селесте баш како Никол Кидман си ја замислував, а за Медлин имав малку поинаква слика во глава, ама Рис Витерспун е толку добра, што јас повеќе го засакав нејзиниот лик во серијава 😀 Единствено не ми се допадна Шејлин, не знам зошто, ама имам некоја одбивност кон нејзината појава, што беше и случај со „Вината е во нашите ѕвезди“. Единственото нешто кое не ми се допадна во овој филм беше изборот на актерка за ликот на Хејзел. Не е субјективност во прашање бидејќи јас си ја замислував поинаку, туку верувам дека повеќето ќе се сложат со тоа дека Шејлин ја нема таа младост и нежност што ја имаше Хејзел во книгата.
Следен филм кој сакам да го изгледам е „Вода за слонови“, откако прво ќе ја дочитам книгата. Баш би сакала да видам дали филмот ќе се поклопи со моите доживувања. Заклучок од погорекажаното е дека иако има филмови кои се достојна верзија на приказната, сепак не сум гледала филм кој е подобар од книгата. Барем засега 🙂