“The Inn at Rose Harbor” – Debbie Macomber
Три различни ликови со три различни приказни, споени во една.
Откако ќе го изгуби својот сакан сопруг во несреќа во Авганистан, Џо Мари решава да направи драстични промени во нејзиниот живот и да почне од почеток. Таа дава отказ од банката каде што работи, се преселува во едно мало гратче, а таму купува мотел кој почнува да го издава.
Првиот гостин во мотелот е Џошуа, чиј очув е на смртна постела. Тие двајца никогаш не се согласувале, особено не по смртта на мајката на Џошуа, кога тој се иселува од семејниот дом. Оттогаш прекинува секаков контакт со неговиот очув, но знаејќи дека не му преостанува долго од животот, Џошуа решава да се врати во родното гратче.
Вториот гостин во мотелот е Аби, девојка која повеќе од петнаесет години не стапнала во гратчето. Аби ја гони вината за смртта на нејзината најдобра другарка, која загинува во сообраќајна несреќа. Повеќе од 15 години таа живее изолирано, без многу пријатели и ретко контактира со нејзиното семејство. Откако нејзиниот брат ќе реши да се жени во родното гратче, таа мора да собере сили за да се врати назад.
Ова беше едно пријатно читање за љубовта, загубата, грижата на совест, простувањето, болката, но и новите почетоци. Ликовите беа доволно добро изградени за да можам да ги замислам во глава и да очекувам како ќе постапат во одредена ситуација, а сцените низ читањето беа одлично доловени. Приказната течеше лесно, прелевајќи се од еден лик во друг, од една приказна во друга, но на крајот сите три споени во една убава шареноликост. Секој од трите ликови носи различна позадина и се бори со сопствените демони.
Единствена замерка имам за тоа што некои работи се повторуваа, а на моменти мислам дека имаше некои непотребни детали. Имав чувство дека од што сакала да ги претстави сите сцени во целост, Деби малку навлегла во ситници. Дури вака кога ќе размислам, на неколку случки мислам дека не им беше местото во книгава, искрено не знам која беше нивната поента.
Во глобала ми се допадна, мислам дека приказнава беше баш она што ми требаше периодов 🙂 Со оглед на тоа дека ова е првиот дел од серијалот Rose Harbour, крајот на оваа книга веќе ја навестува втората.