“Black-Eyed Susans” – Julia Heaberlin

На 16 годишна возраст, Теса била пронајдена на поле во Тексас, полужива, без сеќавање за тоа како стигнала таму. Оттогаш, весниците почнуваат да пишуваат дека таа е единствената преживеана Black-Eyed Susan – прекар кој им бил даден на жртвите на серискиот убиец, поради жолтите цвеќиња кои растеле врз нивните гробови. Сведочењето на Теса за тоа што го преживеала, ќе заврши со апсење и смртна казна за сторителот.

Речиси две децении подоцна, Теса е уметник и самохрана мајка. Сред месец февруари, таа открива дека под прозорецот на нејзината соба, започнале да цутат жолти цвеќиња, т.н. Black-Eyed Susans. Таа е преплашена од тоа дека можеби испратила погрешен човек во затвор, а вистинскиот убиец останал на слобода. Теса добива понуда да се подложи на хипноза, со цел да ги поврати изгубените сеќавања, а со тоа и да се открие што се случило. Но, она што никој не го знае е дека нејзиниот живот е препол со тајни. Часовникот отчукува, човекот во затвор ја чека својата смртна казна, а конците на неговиот живот ги држи Теса.

 

За книгава имав поинакви очекувања, зашто на прв поглед делуваше многу мистериозна. Кратката содржина звучеше интересно, се надевав на добар психолошки трилер, дури и корицата ми се допадна. Во текот на целата приказна се надевав дека крајот ќе ја извлече целата книга, ама јас уште толку се разочарав… Ми се чини дека ни „отворен крај“ кај книгите не ме нервира толку како дупки во приказната. Цело време го чекав делот каде ќе дознаеме што точно ѝ се случило на Теса, бев многу љубопитна и искрено, тоа ме водеше низ книгата. Постојано имав претпоставки во глава, замислував што би можело да им се случи на другите девојчиња, како воопшто се нашла Теса меѓу нив, ама ништо од тоа не дознав. А за убиецот да не почнувам… Како да беше спореден лик во целата приказна. Имав чувство дека обидувајќи се да го сокрие за да биде изненадувачки, авторката како да го изгубила неговиот лик низ книгата. Всушност, ништо не дознавме за него, отсуствуваше неговата позадина, причината поради која станал таков, начинот на кој ги бирал жртвите, начинот на кој ги убивал, како Теси останала жива… јас останав со еден куп неодговорени прашања. Со оглед на тоа дека се работи за психолошки трилер, очекував малку повеќе да е разработен неговиот лик.

Генералниот заклучок ми е дека “Black-Eyed Susans” е една од книгите со голем потенцијал, но за жал лоша реализација.

Би можело да ти се допадне и ова...