“The Sisters” – Claire Douglas
Откако нејзината сестра близначка Луси ќе загине во сообраќајна несреќа, Аби се обидува да продолжи без својата друга половина. Со надеж дека ќе може да си прости, таа се преселува во нов град каде ги запознава близнаците Беа и Бен. Почнува да живее со нив, но по одредено време, Аби ќе почувствува вознемиреност во нивната куќа, бидејќи ќе почнат да се случуваат чудни работи. Таа забележува дека нејзините работи се преместени, а некои од нив не може да ги најде и знае дека некој редовно влегува во нејзината соба.
Ќе бидам искрена и ќе кажам дека она што прво ме привлече кај книгава беше корицата. Додека разгледував книги на Goodreads, ми „запна“ за око, а откако прочитав толку позитивни коментари, бев спремна за еден добар трилер што ќе ме остави без спиење. Реалноста беше сосема поинаква – читањето го развлеков со недели, очекував некаков пресврт да ми го смени впечатокот, но на крајот сепак од мене доби една двојка.
Прво, настаните некако се одвиваа премногу бавно како за трилер, па цело време нетрпеливо чекав да тргне приказната, ама останавме само на „земање залет“ 🙂 На моменти мислите ми бегаа на сосема друга страна, што е доволен доказ за тоа колку ми го задржувала вниманието. Според изгледот и текстот на самата насловна, имав сосема поинакви очекувања од тоа во кој правец ќе се движи приказната – мислев дека фокусот ќе биде токму на Аби и Луси, но тоа како да беше во заден план. Настрана тоа што ликовите беа премногу иритантни, беа и сосема недоследни на својот карактер. Не можев да ги дефинирам, па дури и сега откако ја дочитав книгата, јас навистина не можам да ги опишам како ликови. Во една ситуација покажуваа едни карактерни особени, а во друга – сосема спротивни. А расплетот… расплетот беше толку очаен, што дури ми беше смешен. На моменти имав чувство дека гледам некоја шпанска сапуница, имаше доволно елементи за да биде токму тоа 😀 Премногу нелогичности и случајности. Дополнително, стилот на пишување беше сиромашен.
И покрај високите очекувања од книгава, сепак ќе се вбројам меѓу оние малкуте на кои не им се допаднала.