Книги со зборот „есен“ во насловот
Иако календарски сè уште не е есен, верувам дека на повеќето месецот септември им е синоним за почеток на ова годишно време. Летото можеби е период кога многумина имаат повеќе слободно време за читање, нo есента како да го „буди“ читателот во секого 🙂 Пред извесно време налетав на една анкета каде повеќето се изјасниле дека најмногу сакаат да читаат книги во есен, со образложение дека целата атмосфера ги тера да останат дома во удобна фотелја и да потонат во некоја интересна приказна. Замислете – надвор дожд, а вие се дружите со некоја добра книга додека пиете топло чоколадо или чај, а низ собата се шират топли мириси на цимет 🙂
Ако со почетокот на септември веќе влеговте во есенско расположение, еве неколку наслови со кои можете да го одбележите пречекот на есента 🙂
“It Happened One Autumn” – Lisa Kleypas
Четири млади дами ќе влезат во високото лондонско општество со само една цел – тие мораат да ја искористат својата женственост и духовитост за да си најдат сопрузи. Сите четири се здружуваат во заеднички лов на мажи.
“Autumn’s Promise” – Shelley Shepard Gray
По само 2 години брак, 24 годишниот Роберт Милер останува вдовец. Обвиен во тага, тој мисли дека остатокот од животот ќе го помине во самотија, сè додека не ја запознава младата Лили Ален. Благодарение на нивното пријателство, Роберт чувствува дека повторно има причина да се буди секое утро. Но, тој знае дека нивната врска нема иднина. Не само што Лили има само 19 години, туку за разлика од него, таа не е Амиш. Лили е свесна дека е вљубена во него, но прашањето е дали е спремна да се откаже од нејзината независност и модерниот свет, а сето тоа во име на љубовта.
“Violins of Autumn” – Amy McAuley
Кога Германците ќе почнат да го бомбардираат Лондон во Втората светска војна, Бети е решена да преземе нешто. За разлика од повеќето девојки на нејзина возраст, таа тренира за да стане шпион. По извесно време, таа станува таен агент и го менува името во Адел Бланшар. Нејзината улога е да учествува во ослободувањето на Франција, која во тој период е под германска окупација. Адел е посветена и одговорна, подготвена да умре за нејзината кауза. Сепак, таа воопшто не очекува дека ќе се спријатели, а потоа и вљуби во еден американски пилот. Во време на брутална војна која пустоши сè пред себе, ќе може ли Адел да сонува за светла иднина исполнета со љубов и мир?
“An Autumn To Remember” – Joy Galloway
И покрај големите социјални разлики меѓу нив, Џејми и Челзи се најдобри пријатели, сè додека таа не се пресели во Англија во тинејџерските години. Осум години подоцна, таа се враќа во Њујорк за да студира.
Џејми редовно настапува во еден џез клуб во градот и е пред самиот крај на своите студии. Тој го обожава џезот и ќе направи сè за да има музичка кариера.
Додека заедно со неговата мајка се борат со финансиските проблеми, Џејми е растргнат меѓу дилемата дали да продолжи да се бави со музика, или да се занимава со она што му е професија. Во тој момент, Челзи се враќа во неговиот живот, а тој знае дека овојпат не смее да ја пропушти.