Книга во која ќе се пронајде секој љубител на книги
“The Bookshop on the Corner” од Jenny Colgan ја раскажува приказната за Нина, 29 годишна девојка која ужива во читање книги и ја има работата од соништата – таа е библиотекарка. Кога библиотеката во која го поминува скоро целиот ден се затвора, таа не само што останува без работа, туку и без идеа што ќе прави понатаму. Се чини дека библиотекарите не се многу барани во градот, а таа не знае што друго да прави. Нина не е девојка која лесно презема ризици, па затоа сите се изненадени кога таа решава да отвори своја книжарница – и тоа не било каква. Во потрага по комбе кое ќе го користи како мобилна книжарница која ќе ја вози од место во место, таа завршува во едно далечно село во Шкотска. Сосема поинакво од нејзиниот роден град, селото ја маѓепсува со своите убавини, но и со луѓето кои живеат таму. Иако не се големи љубители на книги, Нина е решена да го поттикне читањето во селото и се обидува да ја најде совршената книга за секого.
Насловот во комбинација со корицата беа доволни за да посегнам по книгава, иако со оглед на тоа дека е чик лит, немав некои високи очекувања. Ова е една симпатична приказна која лесно се чита и веројатно секој што е голем љубител на книги ќе се пронајде во ликот на Нина: “For Nina, whenever reality, or the grimmer side of reality, threatened to invade, she always turned to a book…They had mended her heart when it was broken, and encouraged her to hope when she was down.”
Бидејќи ја слушав како аудио книга, имав прилика да слушам различни акценти што се провлекуваа меѓу ликовите, а со самото тоа и да добијам многу поинаков впечаток. Раскажувањето изобилува со убави пејсажи од Шкотска, а настаните беа зачинети со доза на хумор. Имаше некои предвидливи и малку нереални настани, но ништо нетипично за ваквите книги. Бонус е тоа што низ раскажувањето се споменати многу други наслови, така што можеби ќе наидете на некој предлог за книга која ќе ја ставите на листа за читање 🙂