“Small Great Things” – Jodi Picoult
Рут е медицинска сестра во гинеколошко-акушерска клиника, самохрана мајка која го изгубила својот сакан сопруг во војна во Авганистан. Таа е црнкиња и целиот свој живот се обидува да се вклопи во американското општеството, борејќи се против сите стереотипи и предрасуди кои ги имаат белите луѓе кон неа. Таа работи напорно, чесно, ги следи правилата и прави сè за нејзиниот 17 годишен син да има подобра иднина.
Турк е белец и заедно со неговата сопруга Бетани се т.н. White Supremacists, односно, веруваат во супериорноста на белата раса. Тие двајца го добиваат своето прво дете во болницата каде што работи Рут, а кога таа ја презема грижата за нивното штотуку родено синче, тие веднаш од болницата бараат на Рут да ѝ се забрани пристап до нивното бебе. И покрај тоа што Рут има повеќе од 20 годишно искуство и е одлична медицинска сестра, таа добива забрана да се грижи за ова новороденче.
Доаѓа критичен момент – додека престојува во болницата, бебето добива напад, а единствено Рут е во близина и може да му помогне. Но, таа е растргната меѓу моралната дилема – дали да остане послушна на наредбата за да не ја загуби работата, или да го послуша нејзиниот внатрешен инстинкт и да му помогне на бебето. Настанот завршува трагично, со смрт на новороденчето. Турк и Бетани се вон себе, скршени од болка и тага, бараат одмазда и почнуваат судски спор против Рут.
Тука се вклучува третиот наратор во приказната, Кенеди. Млада, но многу амбициозна и вредна адвокатка, која постојано се труди да прави баланс меѓу приватниот и професионалниот живот. Таа е бела, но прифаќа да ја застапува Рут во спорот и знае дека е исправена пред огромен предизвик – најголемиот случај во нејзината кариера.
Ах, Џоди Пико… ни овојпат не ме разочара. Прекрасна, навистина прекрасна книга!
Комплексна, со одличен спој на повеќе приказни кои се вкрстуваат една во друга. Ликовите беа маестрално изградени, толку добро склопени до најситниот детал, што имав апсолутно целосна претстава за нив, за нивната позадина и нивните карактери. Имаше толку убави дијалози и цитати, што во неколку наврати подзастанував, бидејќи ми ги насочуваше мислите кон она што беше кажано. Толку многу теми од книгава можат да поттикнат дискусија – расизмот и идеологијата за супериорноста на белата раса, секојдневната борба да се вклопиш во околината во која чувствуваш дека не припаѓаш, напорот за да излезеш од било каква рамка во која те сместува општеството или етикета која ја носиш само заради твојата боја на кожа, пожртвуваноста на еден родител и сè она кое е спремен да го направи за своето дете, загубата на саканото чедо и обидот повторно да му најдеш смисла на твојот живот, фактот дека некои луѓе се привилегирани само затоа што се родени како такви, додека други мораат постојано да се борат за нешто кое на останатите природно им припаѓа… Си помислив, колку луѓето можат да бидат заслепени заради огорченоста и омразата која ја чувствуваат во себе.
Темите беа одлично разработени и истражени – од медицински, но и од правен аспект. Многу ми се допадна како беше прикажана работата на Рут, низ приказните што ги раскажуваше, буквално можев да ја почувствувам нејзината љубов кон нејзината професија. Одлично беше прикажан и судскиот спор, имав целосна слика за тоа како течеше процесот, а во ниту еден момент не ми беше досадно. Раскажувањето имаше солидно темпо, во ниту еден момент приказната не запна на некое камче, туку течеше слободно и ми го задржуваше вниманието. Беше вистински коктел од емоции – неколкупати ме насмеа на глас, ме растажи, ме разгневи, но имаше и такви моменти кои ми ја стоплија душата. Имаше многу допадливи ликови, од оние кои ги сакам како пријатели и во вистинскиот живот 🙂 Книгава е one BIG great thing!
За крај, морам да ги пофалам Audible, имаат прекрасна аудио верзија на оваа книга. Ми беше вистинско задоволство да ја слушам 🙂 Ја препорачувам од сè срце!
“What if the puzzle of the world was a shape you didn’t fit into? And the only way to survive was to mutilate yourself, carve away your corners, sand yourself down, modify yourself to fit? How come we haven’t been able to change the puzzle instead?”
“It just goes to show you: every baby is born beautiful.
It’s what we project on them that makes them ugly.”
“If the past few months have taught me anything, it’s that friendship is a smoke screen. The people you think are solid turn out to be mirrors and light; and then you look down and realize there are others you took for granted, those who are your foundation.”
“In a lot of ways, having a teenager isn’t all that different from having a newborn. You learn to read the reactions, because they’re incapable of saying exactly what it is that’s causing pain.”
“You say you don’t see color…but that’s all you see. You’re so hyperaware of it, and of trying to look like you aren’t prejudiced, you can’t even understand that when you say race doesn’t matter all I hear is you dismissing what I’ve felt, what I’ve lived, what it’s like to be put down because of the color of my skin.”
“That’s because racism isn’t just about hate. We all have biases, even if don’t think we do. It’s because racism is also about who has power…and who has access to it.”
“A mother has nine months to get used to sharing the space where her heart is; for a father it comes on sudden, like a storm that changes the landscape forever.”