Милијана Павловска – македонската Јелена Бачиќ
Морам да признаам дека пред извесно време, со доза на срам дојдов до заклучок дека ниту една од моите статии на блогов не е посветена на книга од македонски автор. Имам прочитано и пишувано за многу книги, но од некоја непозната причина тоа никогаш не била некоја книга од домашен автор. Затоа, денес решив едно мало парче од мојот блог да ѝ посветам на госпоѓата Милијана Павловска, жена која неодамна имав прилика да ја запознаам и која ми препорача една од нејзините книги за која добив и посвета.
За време на паузите од работа, честа дестинација ми се книжарниците низ центарот на Скопје, меѓу кои и книжарницата „Култура“ која секоја среда има попусти на различни наслови на книги. Оваа среда, случајно влетав на промоцијата на најновиот роман на Милијана Павловска, „Крвта не е вода“.
Да бидам искрена, никогаш не сум прочитала некоја нејзина книга, па немав апсолутно никаква претстава за какви романи се работи, ниту пак имав прочитано некои коментари и критики за она што го пишува. Со оглед на тоа дека самата авторка беше присутна во книжарницата, имавме еден многу пријатен разговор во кој ни кажа нешто повеќе за нејзините книги. А за подобро да ни го претстави нејзиниот стил на пишување, за себе рече дека е македонската Јелена Бачиќ 🙂 Нејзините романи ни ги опиша како книги во кои постојано има дејствие, без застој на настаните, книги во кои секој може пронајде сегменти од сопствениот живот, бидејќи често се инспирирани од вистински настани кои ѝ послужиле како инспирација.
„До последен здив“, „За тебе љубов моја“, „Скинат ѓердан“, „Заробено срце“, „Скршени крилја“ беа само дел од нејзините романи кои беа изложени и ги чекаа љубопитните читатели. Бидејќи не знаев ниту кратка содржина на било која од нив, побарав помош од самата авторка која за момент размислување ми ја препорача „Две и пол сестри“. Веќе е следна на мојата листа за читање и се надевам дека во што е можно поскоро време ќе ги споделам со вас моите импресии од книгата.
Доколку никогаш не сте слушнале за Милијана Павловска, вредно е да се спомене дека во 2016 година беше прогласена за најчитана авторка во градската библиотека „Браќа Миладиновци“, а досега има издадено десет романи.