Читање на повеќе книги истовремено
Ако редовно го следите мојот блог, сигурно сте забележале дека најчесто читам по две книги истовремено, чии насловни страници секогаш ги ставам во делот „Книги кои ги читам во моментов“. Оттаму дојдоа и прашањата: „Како можеш да читаш повеќе книги во исто време? Зарем не те збунува тоа? Нели ти се мешаат ликовите, настаните, приказните?“
Па, да почнеме… Никогаш не сум била љубител на читање повеќе книги истовремено, затоа што кога ми се допаѓа некоја книга, сакам целосно да ѝ се посветам, сакам да ја читам во секој слободен момент, па затоа тешко би ми било да го поделам вниманието на две, или повеќе книги во исто време. Сепак, кога почнав да слушам аудио книги, сфатив дека постојат многу моменти кога нема да бидам во можност да седнам да читам книга, но ќе можам да слушам некоја друга додека обавувам некакви обврски. Затоа, прво нешто кое треба да го имате на ум е тоа дека од тие две книги кои во моментот ги читам, едната секогаш, ама баш секогаш, е аудио книга. Ова е особено важно за да можете од самиот старт да направите дистинкција меѓу двете книги, бидејќи полесно е содржината да ја врзете за форматот на книгата. Па така, секогаш ќе можете да ги одделите настаните и ликовите меѓу двете книги, бидејќи лесно ќе можете да се сетите дали приказната сте ја читале, или пак слушале. До некоја мера истото важи и за е-книгите и печатените книги, односно ако едната ја читате на електронски читач, таблет, компјутер, мобилен и слично, а другата ја читате во печатена форма. Исто така, помага и тоа ако двете книги ги читате на различни места. На пример, мене автобусите и креветот дома вообичаено ми се резервирани за печатените и електронските книги, додека пак аудио книгите секогаш ги слушам кога сум во движење. А ако и самите настани во книгите се одвиваат на различни локации, тогаш тоа би ви било дополнително олеснување.
Друг важен момент кај ваквото паралелно читање е тоа да одберете книги кои се сосема различни. Па така, ако сте љубители на трилери, но и на чик-лит, тогаш полесно е ако одберете две книги од различен жанр. Ве уверувам дека нема никогаш да ги помешате 🙂 Морам да признаам дека кога во еден момент читав книги кои беа многу слични, ми се случи да ги помешам ликовите, па не бев сигурна дали еден од споредните ликови се јавуваше во едната, или во другата книга. Оттогаш секогаш бирам различни жанрови.
Јазикот исто така има голема улога. Со оглед на тоа дека јас книги читам и на македонски, но и на англиски јазик, во моменти кога читам на двата јазици паралелно, никогаш не ми се случува да ги помешам книгите. Имињата, изразите, па дури и самиот редослед на зборовите во речениците, прави некако несвесно да ја врзете книгата како во клопче 🙂
Да бидам искрена, ако не се различните формати на книги, веројатно никогаш не би читала повеќе книги истовремено, од причини кои веќе ги наведов. Скоро секогаш знам што да читам следно, особено затоа што мојата to-read листа се зголемува од ден на ден 😀 Љубопитноста за книгите е голема, но кога разгледувам низ Goodreads и ја полнам мојата виртуелна кошничка, успевам да останам трпелива и да не посегнам по ниту еден од многуте наслови кои ги имам на ум. Сè додека не завршам со книгата која во моментот ја читам 🙂
На сите вас кои никогаш не сте се дружеле со повеќе од една книга истовремено, би ви рекла: Пробајте. Можеби и нема да ви биде толку конфузно колку што на прв поглед личи. На крајот на краиштата, секогаш кога ќе сакате малку да „одморите“ од некоја книга, другата ќе ви биде при рака. Најважно е никогаш да не престанете да читате 😉