Goodreads гласање за најдобрите книги за 2018 година
It’s that time of the year again – мојот (а верувам и на многумина други) омилен сајт за книги Goodreads го отвори гласањето за најдобрите книги за 2018 година, во повеќе категории. По десетти пат, милиони читатели ширум светот учествуваат во номинирање, а потоа и гласање за книгите кои им оставиле најголем впечаток годинава. Во моментов трае т.н. Opening Round, по што следи полуфиналето и финалето, а прогласувањето на победниците ќе се случи на 4-ти декември.
Искрено кажано, овие награди мене повеќе ми служат како прилика да ја надополнам мојата to-read листа 😀 Нешто слично на Оскарите – ги следам скоро секоја година, иако мал дел од номинираните филмови ги имам изгледано, но затоа откако ќе ги поделат наградите, веќе имам список на филмови кои сакам да ги гледам. Така и со Goodreads – полесно е да одберете книги за читање кога некој веќе срочил листа со најдобрите. Вие само земате од шлагот 😉
Овојпат решив да прочепкам низ номинациите, да разгледам што имам читано, а што не, да земам предлози за книги и да прокоментирам за тоа на мојов блог. Покрај стандардните категории, годинава Goodreads воведе нова категорија – Best of the best во која се содржани сите победници од изминатата декада. Е, тоа е crème de la crème 😉 Еден куп прекрасни книги каде верувам дека ќе најдете нешто кое многу ќе ви се допадне, без разлика на тоа што преферирате да читате.
Забелешка: Откако добро истражив, најдов кои книги се веќе преведени на македонски јазик (или барем засега се најавени), така што во продолжение ќе ги пишувам македонските наслови, онаму каде што ги има. За сите останати книги, ќе ги пишувам нивните оригинални наслови.
Ќе почнам со првата категорија – Best Fiction
Кога вчера ја отворив оваа категорија, прва ми излезе Лиен Мориарти и нејзините препознатливи минималистички корици 🙂 “Nine Perfect Strangers” веќе ми е на листа за читање, не само затоа што е Мориарти во прашање, туку затоа што и самата кратка содржина доволно ме привлече. Веќе некое време сум во потрага по “All We Ever Wanted” од Емили Гифин, а нејзината номинација годинава е уште една причина плус да ја прочитам. Морам да кажам дека ми е многу мило што на листата номинирани во оваа категорија се најде и Fredrik Backman. Иако сè уште ја немам прочитано “Us Against You”, верувам во високите оценки и во неговиот стил на пишување, со оглед на тоа дека “A Man Called Ove” и “My Grandmother Asked Me to Tell You She’s Sorry” ми се допаднаа премногу.
“Сè уште јас” од Џоџо Мојес сепак ќе ја прескокнам, бидејќи останав на првиот дел од нејзината трилогија, скептична за тоа како ќе продолжи приказната понатаму и со доза на страв дека можеби другите два дела ќе ја симнат високата оценка која ѝ ја дадов на „Јас пред тебе“.
Останатите номинирани книги на листата ми беа сосема непознати, а единствено ме заинтригира дебитантскиот роман на Tommy Orange, “There There” и “You Think It, I’ll Say It” од Curtis Sittenfeld.
Од категоријата Mystery & Thriller, единствено ја имам прочитано „Жената на прозорецот“, а „Совршената замена“ и „Нешто во водата“ ми се на to-read листата веќе некое време. “Then She Was Gone” ми делува примамливо, особено затоа што би сакала да видам како Lisa Jewell се снашла во овој жанр, со оглед на тоа дека “The House We Grew Up In” е во сосема поинаков стил, а ми се допадна како приказна. Исто така ме заинтригира „Понекогаш лажам“ од Алиса Фини. Можеби покрај кратката содржина и оценките, дополнително ме убеди тоа што е преведена од Сакам книги, па некако ме води чувство дека го одбрале најдоброто за да ѝ го подарат на македонската читателска публика 🙂 Стивен Кинг има малку специфичен стил на пишување и не можам да го читам било кога, но можеби ќе дојде период кога ќе бидам расположена за некоја негова книга и ќе ја одберам “The Outsider”.
“All Your Perfects” некако успеала да се најде меѓу номинираните во категоријата Romance, но искрено мене не ми се допадна толку многу. Да бидам искрена, во оваа категорија ниту една корица не ме привлече доволно за да ги отворам книгите, а по кратката содржина мислам дека би ми се допаднале “The Kiss Quotient”, “The Hookup” и “The Wedding Date”.
Кога се во прашање историски книги, станав многу пребирлива во последно време, па бев убедена дека ништо од понуденото нема да ми фати око, ама се излажав 🙂 За “Love and Ruin” прочитав многу позитивни коментари, за “The Map of Salt and Stars” исто така, само што ме буни тоа што на Goodreads меѓудругото е ставена во Fantasy, па малку сум скептична околу тоа. Во моментов ја читам „Славејот“ од Кристин Хана која многу ми се допаѓа, па “The Great Alone” веќе ме привлече знаејќи кој ја напишал. “Next Year in Havana” ми изгледа како нешто поинакво од тоа што досега сум го читала, така што веќе се најде на мојата to-read листа. За “The Tattooist of Auschwitz” исто така прочитав многу добри коментари, само што мислам дека засега ќе одморам од книги за Втората Светска војна 😀