„Нешто во водата“ – Кетрин Стедман
„Сте се запрашале ли некогаш колку време е потребно за да се ископа гроб? Не прашувајте се повеќе. Потребна е цела вечност.“
Вака започнува дебитантскиот роман на Кетрин Стедман, кој веќе се најде меѓу номинациите за најдобри книги за 2018 година на Goodreads.
Ерин е режисер на документарци, а нејзиниот сопруг Марк е успешен банкар. Тие двајца имаат прекрасен дом, се спремаат за нивната голема венчавка, а потоа и за нивниот луксузен одмор на Бора Бора. Сепак, нивниот совршен заеднички живот почнува да пука кога Марк ненајдено ја губи својата работа. Соочувајќи се со големи финансиски проблеми, тие двајца сепак решаваат да ја направат венчавката и да заминат на меден месец, надевајќи се дека Марк ќе најде нова работа веднаш штом се вратат. За време на нивниот одмор, Марк ја охрабрува Ерин да нурка, која и покрај нејзините стравови, се чувствува безбедна кога е во негова близина. Знае дека сè ќе биде во ред. Но, додека нуркаат, тие наоѓаат нешто во водата. Од тој момент, многу работи тргнуваат наопаку…
Кога ја прочитав кратката содржина за книгава, не можев да се воздржам пред љубопитноста и да не ја прочитам. Од моментот кога Ерин го закопува телото на Марк, приказната се враќа назад, неколку месеци претходно, раскажувајќи што сè се случило во меѓувреме за да дојде до точка на кулминација. Морам да признаам дека текот на приказната ме изненади – не зборувам од аспект на непредвидливоста на настаните кои се случуваа, туку во врска со она на кое беше ставен фокусот. Вака кога ќе размислам, да не е воведното поглавје, веројатно не би успеала да погодам како сè ќе заврши.
Марк и Ерин беа сосема различни карактери, различно реагираа на одредени ситуации и различно се справуваа со проблемите. На моменти ме нервираа некои нивни постапки, буквално се чудев како можат така да размислуваат, па добивав желба да им удрам по една шлаканица 😀 Низ раскажувањето се провлекуваа и други ликови, но генерално настаните се држат на релација Ерин-Марк.
Што се однесува до самата приказна, иако се работи за трилер, настаните се одвиваат малку побавно од вообичаеното за овие книги. Раскажувањето го води Ерин и тоа генерално се одвива преку монолог.
За крај морам да ја пофалам аудио верзијата на оваа книга, каде наратор беше самата авторка. Одлично ја долови, веројатно има некоја магична жичка кога ги читаш сопствените зборови, затоа што знаеш како звучеле во твојата глава додека си ги пишувал 🙂