„Стапица“ – Сандра Браун

Џорди Бенет е згодна бизнисменка која по низа околности, завршува сама во еден чуден бар. Меѓу мажите кои не можат да ги тргнат очите од неа е Шо Кинард – опасно привлечен тип со остар поглед. Кога ќе се погледнат, јасно е дека меѓу нив постои искра. Но, она што Џорди не го знае е дека Кинард е платеник, најмен да ја убие. Сепак тој скршнува од првичниот план и наместо да ѝ го одземе животот, тој ја киднапира, во обид да дојде до милионите кои ги украл нејзиниот брат. Џорди завршува со врзани раце на задното седиште од неговиот автомобил, а Кинард почнува да ја измачува малку по малку, за да дојде до информации. Она што не го очекува е дека ќе почне да паѓа на нејзината убавина и кревкост, а таа – на неговиот опасен шарм.
 
„Се плашиш од темнината?“ Кога не му одговори, тој рече: „Секогаш е мрак кога ќе ги затвориш очите.“
 
Ова беше уште една возбудлива авантура на Сандра Браун, која низ скоро 500 страници нè води низ сплетките и интригите поврзани со измамата, предавството, корупцијата и одмаздата. Препознатливо за стилот на пишување на Браун, настаните ќе ве држат во незивесност, а секој пресврт ќе ве остава со подзината уста, затоа што сигурно нема да го очекувате. Описите се толку добри, што ќе имате чувство дека гледате филм, а секое поглавје завршува како епизода од серија што ве тера да кликнете на следната за да видите што ќе се случи. Она што ми се допаѓа кај оваа писателка, е тоа што убаво ги истражува и дефинира сегментите од приказната, па колку и на моменти да ви делува заплеткана и замрсена, на крајот секое нешто има објаснување и сè си доаѓа на свое место. Низ целата приказна се провејува доза на мистериозност, на моменти зачинета со хумор и еротика. Раскажувањето тече лесно, а македонскиот превод е одличен, па многу брзо се чита. Што се однесува до ликовите, не можете да не го засакате ликот на Шо и тоа како се развиваше односот меѓу него и Џорди 🙂 
 
Доколку сте љубители на трилери, топло ви ја препорачувам.

Би можело да ти се допадне и ова...