Зошто купуваме повеќе книги отколку што можеме да прочитаме?
Веројатно не сум единствената која редовно купува книги, иако дома веќе имам десетици кои сè уште не ми се прочитани 🙂 Ако и вие не можете да им одолеете на книгите додека разгледувате низ книжарниците, иако знаете дека дома веќе ве чекаат барем неколку непрочитани, тогаш добредојдовте во клубот. Вашата дијагноза? – Цундоку.
Зборот „цундоку“ има јапонско потекло и е спој на два збора – „цун“ што значи „да се натрупа“ и „доку“ што може да се користи како глагол кој значи „чита“.
Но, зар може некој да нè обвини нас, љубителите на читањето? На светот постојат толку многу прекрасни книги, што просто невозможно е да не посегнеш по нови наслови кои те привлекуваат со своите убави корици. Во екот на новогодишните попусти, тешко е човек да се воздржи пред големиот избор и прифатливите цени. Секогаш си велам дека кога-тогаш сите ќе стигнат на ред, иако ете, има книги кои сум ги купила дури и пред 4-5 години, но сè уште трпеливо чекаат. Да бидам искрена, на некои од нив и целосно сум заборавила 😀
„Толку многу книги, толку малку време“ рекол Френк Запа. Оттаму веројатно и желбата постојано да купуваме нови книги, да ги разгледуваме, да ги подредуваме на нашите домашни полици. Купуваме книги затоа што сакаме да читаме, а самата мисла дека ги поседуваме, ни дава некое чувство дека веќе сме ги освоиле.
За мене ниту една книга не е вишок во домашната библиотека, а to-read листата секогаш ќе ми биде поголема од онаа со веќе прочитаните наслови. И не гледам ништо лошо во тоа човек да купува нови книги пред да ги прочита старите – без грижи, нема да се расипат. Нема да им помине рокот, нема да изгубат од својата вредност. А сепак, секогаш ќе имате топло катче исполнето со најразлични приказни што ќе чекаат на вас.