Десет уникатни книжарници во светот
Малечки и топли, големи и пространи, книжарници со високи ѕидови полни со книги, книжарници со неверојатен поглед кон море, книжарници во кои можете да си порачате пијачка или десерт, а истовремено да уживате и во жива музика… Денес можете да најдете книжарници за сечиј вкус. Сосема различни и уникатни по некоја своја интересна карактеристика, ова се десетте кои би сакала некогаш да ги посетам.
Honesty Bookshop (Хеј-он-Вај, Велс)
Она што ја прави оваа малечка книжарница интересна и уникатна, е тоа што во неа книгите се сместени во самите ѕидови кои го чуваат замокот Хеј во Велс. Отворена е за секого и секој може да се послужи со книги, а потоа да остави пари во црвеното сандаче кое е поставено на ѕидот.
Libreria Acqua Alta (Венеција, Италија)
Кога помислувате на овој град, веројатно првата работа која ви доаѓа на ум се препознатливите канали кои Венеција ја прават „градот на вода“. Па, не е ни чудно што една од најуникатните книжарници која се наоѓа тука, е позната како „книжарница која плови“. Иако станува збор за релативно нова книжарница, отворена во 2004 година, Libreria Acqua Alta за брзо време станала неизбежна локација на многу туристи кои ја посетуваат Венеција. Од нејзините врати директно се излегува на еден од каналите во градот, но не грижете се, книгите се сосема безбедни 🙂
El Ateneo Grand Splendid (Буенос Аирес, Аргентина)
Пред повеќе од 100 години, во Буенос Аирес бил изграден театар, кој бил познат по танго настапите, сè до 30-тите години на минатиот век кога бил претворен во кино сала. По 2000 година, кога за малку ќе бил затворен, новите сопственици на театарот го реновирале и го претвориле во книжарница. Во 2008 година, The Guardian го прогласи за втора најубава книжарница во светот, уникатна по многу нешта. Ако сте вљубеник во уметноста, ова е вистинското место за вас 🙂 Покрај огромниот избор на книги кој го нуди, можете да уживате во кафе додека седите на самата сцена на театарот!
Ripped Bodice (Калвер Сити Калифорнија, САД)
Книжарница која продава книги од само еден и единствен жанр? – Да, и тоа постои. Ripped Bodice е единствената книжарница во САД која продава исклучиво романси. Нејзините основачи, сестрите Беа и Леа, се големи љубители на ваквите книги и филмови, па решиле да отворат книжарница во која ќе продаваат книги исклучиво за романтичните души. Сосема очекувано, и самиот ентериер на книжарницата е како изваден од книга – шармантен и романтичен.
Bookbar (Денвер Колорадо, САД)
По самото име, веројатно веќе претпоставувате за што станува збор 🙂 Овој локал во Денвер е всушност бар каде покрај тоа што можете да порачате некоја пијачка, ќе запознаете и многу љубители на книги, ќе имате можност да разговарате за книги и да присуствувате на многу интересни настани кои се организираат во барот.
Underground Books (Кубер Пиди, Австралија)
Оваа подземна книжарница е одлична ако сакате да уживате во книгите, а истовремено да се засолните од австралиската жештина 🙂 Налик пештера, Underground Books е целосно изградена под земја што дополнително го прави нејзиниот изглед уникатен и привлечен за многу туристи.
Atlantis Books (Санторини, Грција)
Замислете – одите на летен одмор, но заборавате да понесете книга со вас, а на островот на кој престојувате не можете да најдете ниту една продавница од каде ќе купите книга. Што ќе направите? – Секако, ќе отворите книжарница 😀 Токму тоа се случило во 2004 година со неколку туристи од Англија кои престојувале на Санторини. Она кое првично делувало како луда идеја, денес е претворено во магична книжарница во која се одржуваат литературни фестивали, читања и филмски проекции. Книжарницата всушност била извесна селска куќа со поглед кон Егејското море, а денес е целосно реновирана и украсена со безброј полици со книги.
Selexyz Dominicanen (Мастрихт, Холандија)
Првично изградена како црква пред повеќе од 700 години, оваа градба претрпела многу промени низ вековите од нејзиното постоење. Одреден период служела како складиште, а денес е книжарница со неверојатна архитектура и готски изглед.
Kid’s Republic Picture Book Store (Пекинг, Кина)
Ако имате дете кому сакате да му ја пренесете љубовта кон книгите, ова е вистинското место. На прв поглед, оваа книжарница наликува на шарена игротека, каде покрај забавната игра, децата можат да најдат многу книги за нивната возраст.
Cafebreria El Pendulo (Мексико Сити, Мексико)
Книжарница со жива музика? – Токму тоа е Cafebreria El Pendulo. Оваа двокатна книжарница е место каде може да уживате во добри книги, музика и вкусни десерти. Изградена во 40-тите години на минатиот век, ентериерот и услугата која ја нуди, ја направиле најпознатата и најпосетената книжарница во Мексико Сити.