„Црна и сребрена“ – Паоло Џордано
„Црна и сребрена“ раскажува за интимниот живот на едно модерно младо италијанско семејство, кое доживува криза по смртта на старата помошничка и дадилка на нивното детенце. Госпоѓа А. е повеќе од домашна помошничка – таа е стожер на семејството, единствениот сведок на врската што ги спојува. Откако ќе ја загубат госпоѓа А., ненадејно се чувствува празнина во семејството што не може да се пополни.
Можеби на прв поглед кратката содржина нема да ве привлече, но мене ми е многу мило што меѓу другите наслови кои ги купив од книжарницата Три, посегнав и по оваа книга. Иако раскажувањето се води во прво лице, од страна на таткото во семејството, сепак центар на книгата е госпоѓа А. Движејќи се меѓу минатото и сегашноста, читателот го запознава нејзиниот лик – колку таа имала влијание врз бракот на младите сопружници, бременоста, одгледувањето на нивното прво дете, а потоа, по нејзината смрт, колку всушност се чувствува нејзината отсутност. Работите како да тргнуваат наопаку – кавги во бракот, нетрпеливост меѓу родителите и детето, додека секој од нив се справува со тагата по госпоѓа А. на свој начин. Во тој момент сфаќаат дека таа била како конец што ги крпел сите процепи во нивното семејство, ги пополнувала сите празнини, ги смирувала сите кавги.
Тонот на раскажување ми се допадна многу, беше смирен и одмерен, зрачеше со некоја топлина, ме засмејуваше и ме растажуваше. Приказната беше релативно кратка, но многу убаво склопена, со убаво одбрани зборови и моќни пораки.
„Понекогаш, по години заеднички живот, забележуваме симболи каде и да се свртиме, траги од личноста со која толку долго го делиме просторот. Ми се случува да ја најдам Нора во секое катче од нашата куќа, без да ја барам, тукуречи како нејзината душа да налегнала како фин прав врз предметите…“
„Што најмногу ти недостига од неа?“ реков.
Нора немаше потреба да размисли, очигледно во себе веќе размислувала за одговорот. „Ми недостига начинот на кој нè поттикнуваше. Луѓето се мошне скржави со поттикот. Сакаат само да се осигураат дека си уште помалодушен од нив.“
„Полесно е да му се налутиме на збогатениот ураниум на Французите, на електромагнетните зрачења, отколку на нешто еднакво невидливо, на празнината, на безмилосната Божја клетва.“
„Речиси цело време Нора зборуваше за татко си и за мајка си, во тоа време во полн ек на непријателските судири на разделбата. Ја измачуваше помислата на родителите како што може да нè измачува само на дваесет и пет години, кога наеднаш сфаќаме дека би сакале да созрееме сосем поинакви од нив и дека можеби нема да ни успее.“
„Иронично е, не, дури и бездушно: со диплома по теориска физика и специјализација во квантната теорија на полињата, како и општа запознаеност со напредниот формализам на симболичко сметање, не сум кадарен на син ми да му ја пренесам во глава причината поради која секој број поможен со нула дава производ нуда. Ми се чини дека му ја гледам внатрешноста на черепот, мозокот залебден во магла каде што тврдењата се раштркуваат без воопшто да создадат смисла.“