Џоди Пико: Креативната блокада е за луѓе кои имаат премногу слободно време
Не се сеќавам која беше првата книга која сум ја прочитала од Џоди Пико, но она што го знам е дека секогаш уживам во нејзините книги и досега нема ниту една што мене лично не ми се допаднала. Неодамна на Literary Hub прочитав едно нејзино интервју, па решив дел од него да пренесам на мојот блог, особено затоа што знам дека Пико има своја читателка публика и тука, во Македонија 🙂
Како се справуваш со т.н. креативна блокада?
Пико: Не верувам во тоа. Кога бев писател почетник, имав три деца на возраст под четири години и јас бев таа што најмногу ги чуваше, додека истовремено пишував. Научив да пишувам во 15-те минути додека спиеја, кога го гледаа Барни на телевизија, кога беа мирни и не се закачаа меѓу себе. Пишував додека ги чекав во градинка или додека беа на часови по пливање. Креативната блокада е за луѓе кои имаат премногу слободно време; ако немате време, едноставно пишувате. Се сеќавате на времето кога бевте на колеџ и имавте креативна блокада која магично исчезнуваше ноќта пред да ви биде крајниот рок за да ја завршите задачата? Ммм-хмм. Ако се чувствувате помалку креативни, загрејте го столчето и пишувајте. Секогаш можете да коригирате лошо напишана страница. Не можете да коригирате празна страница.
Кој е најдобриот совет кој некогаш си го добила, поврзан со пишувањето?
Пико: Мери Морис, мојот ментор, вообичаено велеше дека не можете да пишувате за диносаурусите додека тие не станат нафта. Она што сакаше да го каже е дека ако имате нешто во вашиот живот што длабоко емоционално ве вознемирува, не можете да пишувате за тоа додека сè уште сте сурови. Мора да имате време за да го процесирате сето тоа и да го преточите во срцето и умот на ликот. Мислам дека писателите често ја користат својата работа за да ги процесираат своите чувства, но ако некоја ситуација ви се случила неодамна, нема да ја имате објективноста што ви е потребна за да му дозволите на ликот да ги доживее и да се справи со истите емоции.
Така, на пример, кога мојот син Џејк имаше пет години, му беше дијагностициран холестатом – бенигнен тумор кој се јавува во внатрешното уво и на крајот може да се прошири до мозокот со што ќе предизвика смрт. Вообичаениот начин за отстранување на истиот би било да се отстрани ѕидот на ушниот канал и да се извлече туморот, при што детето во текот на процедурата може да остане глуво. Заедно со мојот сопруг избравме поинаков експериментален пристап – поточно, одлучивме Џејк да има повеќе операции, со тоа што на долг рок би можеле да го зачуваме неговиот слух. Тоа беше добар пристап – кон средината на десетте операции за три години, дознавме дека Џејк имал двоен холестатом – во двете уши – нешто што тогаш го имаа само девет деца во САД. На крајот, тој го победи туморот на негови 13 години и остана со оштетен слух на десното уво, а слухот на левото уво целосно го загуби. Уште подобро, тој стана извонреден пејач, се запиша на универзитетот Yale, на крајот стана дел од The Whiffenpoofs и одеше на турнеи ширум светот со својата акапела група, пееше пред политичари, кралски семејства и огромна публика. Значи да, тоа беше среќен крај – но во тоа време, ми се чинеше дека моето семејство се распаѓа, бидејќи толку многу внимание му требаше на Џејк, што моите две други деца страдаа. Сакав да пишувам за тоа – како ние родителите сакаме да кажеме дека сите деца ги сакаме подеднакво, но тоа е лага. Она што ние навистина сакаме да го кажеме и она на што се надеваме, е тоа дека кога некое дете има потреба, ние ќе бидеме покрај него. Оваа приказна прерасна во „Чуварот на мојата сестра“ (My Sister’s Keeper)… но потребни ми беа години за да ја пребродам болката и да можам да го насочам тоа кон измисленото семејство Фицџералд.
Има ли некој од познатите класици за кој се чувствуваш виновна што не си го прочитала?
Пико: Vanity Fair. Затоа што се преправав дека ја прочитав додека бев на колеџ, дури и есеј напишав за неа. Всушност, сега имам примерок од книгата на моите полици со книги и би можела да ја прочитам, но во овој момент, 30 години подоцна, речиси е гордост да кажете дека НЕ сте ја прочитале!
Дали има книга која посакуваш ти да ја напишеше?
Пико: „Крадачка на книги“ (The Book Thief). Стилот на пишување на Маркус Зусак е толку проклето добар, што боли, нараторот е неверојатно уникатен, а моралната порака на романот е брилијантна. Во заднината на Холокаустот, го следи патот на мало девојче кое е згрижено од семејство каде се крие еден Евреин; притоа таа ја учи моќта на зборовите кои можат да повредат, но и да излечат. Толку многу ја сакав книгата, што го бркав Маркус и го молев за авторските права за театарска претстава, а во моментот ја адаптирам приказната за мјузикл на Бродвеј… што е второто најдобро нешто од тоа да го напишете оригиналот. Има моменти кога додека го пишувам либретото, мојот соработник ми вели да „пишувам како Маркус“ и да напишам нов монолог за лик кој го создал Маркус. Неверојатно ослободувачки е да се впуштите во туѓ стил на пишување – како за момент да облекувате костим и да глумите улога.