„Совршената мајка“ – Ејми Молој
Запознајте ги Мајските мајки – група на жени кои се породиле во истиот месец и постојано се дружат разговарајќи за грижите околу нивните новороденчиња. Секојдневно се допишуваат, меѓу себе ги споделуваат сите дилеми и прашања, си помагаат и се советуваат. Една вечер по договор излегуваат без бебињата за да се опуштат малку, но токму таа вечер, нешто тргнува во ужасно лош правец: едно од бебињата го снемува од неговото креветче дома. Вини е самохрана мајка, која секако не сака да го остави бебето со дадилка, но другите жени инсистираат дека сè ќе биде добро и таа неволно попушта. Сега нејзиното бебе го нема, полицијата поставува вознемирувачки прашања и животот на затворената Вини се наоѓа под рефлектори. Кој е таткото на бебето? Каде всушност била мајката вечерта? Иако никој од групата мајки не е близок со резервираната Вини, три од нив преземаат големи ризици за да ѝ помогнат да си го најде синот. И кога новинарите почнуваат да им вадат душа на сите жени од групата, почнуваат да се разоткриваат штетни тајни, а браковите и пријателствата се ставени на голем тест.
Сакав да ми се допадне книгава, навистина сакав! Дури бев возбудена кога почнав да ја читам, затоа што судејќи според препораките и кратката содржина, книгава ветуваше добра приказна со непредвидливи настани кои ќе ме остават изненадена. Очекував да прочитам уште еден трилер кој ќе се најде на мојата листа со омилени книги.
На крајот, ми беа потребни три недели за да ја прочитам, заштo ете, нешто цело време ме одвраќаше назад од книгава. Сепак бев истрајна и сакав да ја дочитам, затоа што постојано очекував дека ќе се случи некој пресврт кој ќе додаде масло во моторот, ама сè до самиот расплет, мене нешто упорно ми шкрипеше во приказнава.
Прво, на почетокот бев многу збунета затоа што уште на самиот старт одеднаш се појавуваат еден куп ликови, имиња, мајки, сопрузи, деца, па ужасно тешко ми беше да запамтам кој е кој. И сега да ме прашате на кој лик што му се случуваше во текот на книгата, не би знаела да ви кажам, затоа што имам бркотница во глава и покрај тоа што оставив импресиите да ми „легнат“ неколку дена пред да почнам да пишувам за книгава. Потоа, имав чувство дека целата приказна е all over the place, не бев сигурна на што точно треба да е фокусирана, како да беа само пуштани нишки наоколу, само колку ситуацијата да ја направат позаплеткана. Читањето воопшто не ми одеше лесно и глатко, баш напротив. Имаше нешто во стилот на пишување што ми беше одбивно, не ми го задржуваше вниманието, мислите ми летаа на друга страна и јас воопшто не чувствував никакви вибрации на мистериозност додека ја читав. Дури ни крајот не ми беше толку шокантен и неочекуван.
Отпрвин мислев дека впечатоците ми се такви затоа што премногу го развлеков читањето, па тешко ми беше да се внесам во приказната на секое наредно седнување со книгата во раце, ама читајќи ги коментарите на Goodreads сфаќам дека не сум единствената која вака ја доживеала.
Критиките се генерално позитивни, дури најавен е и филм според книгата во кој една од главните улоги ќе ја игра Кери Вашингтон, па се надевам на таа карта дека екранизацијата ќе биде далеку подобра 🙂