Осми март – Наместо роза, подари книга
Осми март отсекогаш бил ден во кој мојов град ми наликувал на една огромна цвеќарница 🙂 Неколку дена пред празникот на жената, веќе почнуваат да се поставуваат првите тезги со цвеќиња, за на крајот веќе секој агол во Скопје да биде украсен во шаренило од бои.
Секој од нас го одбележува овој празник на свој начин, но доколку сакате да подарите нешто на посебна личност, а тоа да не биде цвеќе или нешто слично, секогаш можете некому да честитате осми март преку книга. Во прилог неколку наслови кои би биле добар избор за одбележување на Денот на жената 🙂
„Мојот маж“ – Румена Бужаровска
Мојата статија ќе ја започнам со една книга од наша, македонска писателка 🙂 Оваа збирка приказни раскажани од повеќе жени кои зборуваат за своите стравови, тајни, желби и копнежи, содржи ликови во кои можат да се препознаат многумина. Секоја од нив различна по својот карактер, животни (не)прилики и слично, на едноставен јазик изнижен со хумор, раскажуваат за своите сопрузи и им даваат глас на проблемите за кои многу жени премолчуваат.
„Приказни за добра ноќ за бунтовни девојчиња: 100 приказни за извонредни жени“ – Елена Фавили и Франческа Кавало
Ова е една од книгите кои најмногу ми го привлече вниманието кога неодамна шетав низ нашите книжарници. Инспирирани од познатите бајки за добра ноќ, новите илустрирани бајки раскажуваат за жени херои од различен период од историјата, почнувајќи од Елизабета Прва, па сè до Серена Вилијамс.
„Приказната на робинката“ – Маргарет Атвуд
Маргарет Атвуд е канадска поетеса, романсиерка, книжевна критичарка, есеистка и активистка. Настаните во овој нејзин дистописки роман се случуваат во блиска иднина, кога владеат природни катастрофи и намален наталитет. Како една од неколкуте преостанати плодни жени, Офред е присилена да биде сексуална робинка, во очаен обид да се спаси светот.
„Запишано во ѕвездите“ – Паринуш Сание
Зборувајќи за една забранета љубов, Сание ја раскажува приказната за една девојка по име Мазума, која обвиткана во стегите на патријархалното семејство, собира храброст да ја крене главата и да им се спротивстави на очекувањата дека како жена мора да биде покорена пред мажот, занемарувајќи ги своите желби и соништа. Ова е приказна за големината на жената и што сè може таа да издржи во нејзината истрајност и борба.
„Папата Јована“ – Дона Вулфолк Крос
Оваа моќна книга веројатно е на секоја листа на книги што една жена треба да ги прочита 🙂 Во време кога жените се потчинети и немаат право на образование, Јована успева да ја добие најпрестижната и најпосакуваната титула – титула пред која сите се покоруваат.